Македонија не е заинтересирана за аранжман со ММФ

Скопје, 14 мај (МИА) - Не е разговарано за склучување аранжман за време на еднонеделната посета на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд на Македонија, изјавија на денешната

прес конференција во Министерството за финансии ресорниот министер Трајко Славески и новоименуваниот шеф на Мисијата на ММФ за Македонија Вес Мек Гру.

 

- Фондот останува отворен да разговара за обезбедување помош за Македонија на начин и во форма кои ќе и бидат од најголема корист. Останува за тоа да одлучи Владата, рече Мек Гру. Тоа се однесува и на евентуално зголемување на буџетскиот дефицит, додаде тој, за што било разговарано во одредени случаи.

Министерот Славески рече дека се согласува со препораките за претпазливост при економските проекции, заради што постои подготвеност за приспособување на регионалните и свтеските прилики, но оти Владата се разликува по неколку прашања од проекциите на ММФ.

 

-Оптимизмот дека сепак Република Македонија ќе забележи раст оваа година го темелиме и врз основа на, како што вели, најновите вести кои што стигнуваат од пазарите за стоки кои се многу поволни. Индексот на цените на стоките е зголемен за 20 проценти во однос на јануари. Тоа го следи и растот на цената на нафтата. Цената на челичните лимови, бакарот и други наши извозни производи од металургијата веќе се во нагорен тренд, рече Славески според кого тоа позитивно ќе се одрази врз производителите во металуршката индустрија и ќе доведе до позитивни ефекти и врз БДП и врз приливот на средства од извозот.

 

- Можеби сме малку поголеми оптимисти за движењето на приходите во Република Македонија заради благата разлика во очекуваната стапка на раст. Сепак благодарен сум што експертите на ММФ не прифатија до крај да ги екстраполираат движењата во наплатата на приходите од првите три месеци за до крајот на годината. Се согласивме дека кампањата за локалните и претседателските избори имаше своја улога, а исто и користењето на речиси сите расположиви средства на УЈП во успешниот старт на реформата за интегрирана наплата на придонесите и персоналниот данок од доход, рече Славески.

 

Движењата на страната на приходите во мај влеваат оптимизам, но ќе бидат направени дополнителни приспособувања ако тие се под оние посочени со ребалансот. Загубата на девизни резерви од 100 милиони евра во март, во април е преполовена, а Славески очекува таа дополнително да се преполови и во мај поради претходно наведените трендови во македонската економија.

 

Според гувернерот на НБРМ Петар Гошев, нивната проценка за раст од - 0,4 проценти се темели на анализите во економијата, а ќе излезат со нови проценки ако по неколку месеци се променат параметрите. Девизните резерви се на истото ниво од пред 15-тина дена односно околи 1,2 милијарди евра.

 

Запрашан за очекувањата на Владата за раст од 1 процент, Мек Гру со став дека проектирањето на економскиот раст не е егзактна наука, но споредено со очекувањата на земјите од регионот се оптимистички.

 

Според проценките на ММФ, нивните проекции за БДП на Македонија за оваа година се -2 проценти. Тие се напрaвени пред неколку недели пред да биде поднесен ребалансот на Буџетот, но имајќи ги предвид актуелните инфомации за извозот, индустриското производство, за даноците, увозот на автомобили, во овој момент МекГру не смета дека таа бројка треба да се промени.

Владините економски политики за стабилна домашна валута преку врзувањето на денарот со еврото добро функционира, кажа шефот на Мисијата на ММФ, но доколку дојде до значително намалување на девизните резерви ММФ е секогаш една од опциите.

 

Во заклучоците од еднонеделната редовна посета на делегацијата на ММФ за перформансите на македонската економија, се посочува дека таа остро забавува по високиот раст минатата година, што е слично со настаните во регионот и на глобално ниво како резултат на глобалното економско забавување и намалувањето на долгот на западните банки. Тоа негативно влијаело врз економијата како резултат на опаѓачката побарувачка за извоз и ограничениот пристап до надворешно финансирање.

 

- Очекуваме дека ќе дојде до намалување на растот на БДП и само до постепено заздравување следната година, иако тешко е со сигурност да се предвиди колку брзо може да се очекува враќање на глобалниот растеж, се наведува во прелиминарните заклучоци.

 

За ребалансот на Буџетот на Владата со кој се намалуваат трошоците како резултат на опаѓачките приходи се оценува дека е чекор во вистинска насока, но се препорачуваат дополнителни мерки за постигнување на позиционираниот трговски дефицит од 2,8 отсто доколку приходите паднат под нивото проектирано во ребалансот.

 

Главниот предизвик за земјата, според ММФ, ќе биде платниот биланс, бидејќи извозот и приватните трансфери кои опаѓаат го отежнуваат значителното намалување на дефицитот на тековната сметка, а тука се и забавувањето на странските директни инвестиции и други капитални приходи.

 

За намалената инфлација од минатогодишните 8 на речиси 0 проценти се вели дека е добредојдена. Се поздравува и како што се оценува, релативно здравиот банкарски систем во земјата чии биланси се сметаат за доволно силни да го надминат надолниот тренд односно забавувањето на кредитниот растеж и затегнатите ликвидносни услови. ва/скс/14:16

 

###