Ангеловска и Танасоски: Грант од Јужна Кореја од 700.000 евра за модерна дигитална Царинска управа

2 јуни 2020, Скопје - Со грант средства од 700.000 евра од Владата на Јужна Кореја ќе се поддржи градењето на капацитетите на македонската Царинска управа, особено во делот  на брзите пратки, откривањето на нелегалните финансиски текови, како и анализа на ризикот во е-трговијата. Денеска се одржа состанок за отпочнување на проектот на кој присуствуваа министерката за финансии, Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и делегација од Царинската управа на Јужна Кореја.

На средбата беше истакнато дека од особено значење е поддршката во доменот на е-трговијата, која во светски рамки бележи постојан раст и развој, особено сега во новите услови креирани од кризата предизвикана од коронавирусот. Таквиот пристап директно влијае врз растот на микро, малите и средни претпријатија, во однос на поширок пристап до странските пазари со намалување на влезните бариери и намалување на оперативните трошоци. Размената на искуството на Царинската управа на Јужна Кореја во овој домен, ќе придонесе за воспоставување баланс помеѓу олеснета и забрзана испорака на пратките, но во исто време и зголемена наплата на буџетските приходи од овој вид трговија.

Од страна на македонската делегација беше посочено дека воспоставувањето  дигитална царина е еден од  стратешките приоритети на Царинската управа. Пред една година е пуштен во употреба новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, кој го замени стариот систем  - АСИКУДА, со што радикално се измени начинот на царинското работење. Овој софтвер е клучна алатка за развој на дигиталната царина и на бесхартиената околина и овозможи значително подобрување во пружањето услуги на учесниците во царинските постапки.

Царината на Јужна Кореја е широко позната по својот технолошки напредок и бројните награди на полето на електронските достигнувања.