Донесен ребалансот на буџетот 2020:Обезбедени средства за мерки за ревитализација на економијата

15 мај 2020, Скопје - Владата го донесе ребалансот на буџетот за 2020 година чија цел е да ги финансира мерките за надминување на последиците од Covid-19 кризата и да го забрза процесот на опоравување на економијата. Министерката за финансии Нина Ангеловска, која заедно со заменик-министерката за финансии Ширет Елези, го презентираше ребалансот, рече дека новите мерки и активности ќе бидат катализатор, забрзувач на процесите во периодот на опоравување, кој треба да започне во третото тримесечје, а да се интензивира во четвртото тримесечје.

Приходната страна на буџетот со ребалансот се намалува за 11,5% и истата изнесува 196,8 милијарди денари, додека расходната страна се зголемува за 1,4% и истата изнесува 242,9 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 6,8% и е во линија со проекцијата на Европската комисија.

 

Министерката за финансии Ангеловска истакна дека на расходната страна се додаваат средства за соодветните COVID програми.

 

-Се проектираат дополнителни 3 милијарди денари на COVID програмата во Влада за спроведување на таргетирани мерки за стимулирање на приватната потрошувачка на граѓаните со фокус на домашната економија и поддршка на приватниот сектор и на работниците во фазата на опоравување на економијата. Дополнителни 600 милиони денари за програмата КОВИД во Министерство за економија се наменети за мерки за поддршка на приватната потрошувачка на граѓаните и домашниот македонски туристики сектор. За социјална заштита поврзана со ефектите од Covid-19 се распоредуваат 350 милиони денари, а исѕо толку и за Фондот за здравство. За Министерство за здравство за зајакнување на здравствените капацитети за откривање на болести преку обезбедување на техничка експертиза, лабораториска опрема и системи за откривање на случаи во согласност со упатствата на СЗО и операционализација на дополнителни легла се предвидени 300 милиони денари. За Министерство за образование има обезбедено дополнителни 350 милиони денари во КОВИД програмата со цел поддршка на младите и студентите со фокус кон ИТ и дигитални вештини. Алоцирани се 150 милиони денари за исплата на надомест за невработеност во Агенцијата за вработување и 60 милиони денари за национално кофинансирање за нова кредитна линија за фазата на опоравување преку Развојната банка на Северна Македонија-рече Ангеловска.

 

-Ние како Министерство за финансии направивме три сценарија за приходната страна на буџетот. Со ребалансот на буџетот се имплементира всушност најоптималното прво сценарио. Предвидено е кратење на приходите за 11,5%, на расходната страна, а има благ раст на зголемување на трошоците. Споредено со другите земји каде расходната страна се зголемува повеќе, ние го корегиравме само со 1,4%. Имајќи го во предвид Covid-19 и средствата за помагање на економијата, овие средства се обезбедуваат од буџетот. Раст има во расходите на Министерството за економија, за образование, за здравство. Исто така, сакам да ја спомнам новата линија од 60 милиони денари со која ќе се обезбеди пониска камата и евтини кредити поради гаранцијата која ја нудиме како држава. – рече заменик министерката за финансии Елези.  

 

Други поголеми расходи се за исплата на платите, проектирани на ниво од 30,2 милијарди денари или за 0,4 милијарди денари пониско, како резултат на ефектот од преземените мерки, односно временaта забрана за нови вработувања во државната администрација, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од корона вирусот.

 

Расходите за стоки и услуги се намалени за 1,8 милијарди денари во однос на планот за 2020 година, како резултат на мерките за сведување на минимум на сите трошења од Буџетот кои суштински и директно не се поврзани со справувањето од корона вирусот, без притоа да се наруши редовното подмирување на обврските на буџетските корисници, како и обезбедени се средства за спроведување на парламентарни избори во 2020 година.

 

Тековните трансфери се планирани на ниво од 166 милијарди денари или за 9,6 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат на преземените мерки за обезбедување на средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и дирекно помагање на приватната потрошувачка. 

 

Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,5 милијарди денари или 4,2 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, но повисоки во однос на нивото кое беше со одлуката за прерапсределба. Имено со одлуката за препраспредлбата која беше спроведена минатиот месец од капителните расходи беа реалоцирани околу 3,5 милијарди денари со цел спроведување на мерките и тоа од капитални расходи кои се однесуваат најмногу на опрема, возила и слични кои не се суштински и директно поврзани со справување со кризата.

 

-Со ребалансот намаливме-односно ги реалоциравме дополнителни 700 милиони денари со што капиталните расходи, кои се задржани на ниво од 19.5 милијарди денари, што е всушност на ниво на максимално реалзирани капитални расходи во изминатите 10 години. Реализацијата на истите во време на оваа криза ќе одигра значајна улога во аморитзирање на ударот врз економијата. – рече Ангеловска.

 

Финансирањето на буџетскиот дефицит ќе се сервисира со поволни средства од меѓународни финансиски институции, повлекување на средства на домашен пазар преку државни хартии од вредност, како и со излегување со еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал. Очекувањата за економскиот раст се -3,4%.

 

-Од она што досега го нотираат меѓународните финансиски институции, земјава добро се справува со кризата - ова се првични проекции, кои како ќе бидат реализирани ќе зависи пред се од мерките и нивната реализација. Затоа третиот сет на мерки, кој е насочен кон потрошувачката на домашно, кон поттикнување на ревитализацијата на економијата ќе одигра клучна улога во крајниот економски резултат. Фундаментите се поставени и сега ќе зависи од нас институциите, но и од сите нас заедно граѓаните, стопанството, да го фатиме моментумот на отворање на економијата и максимално да го искористиме. Мерките ќе бидат катализатор кој ќе го забрза тоа и ќе ги зајакне ефектите. – рече Ангеловска.