145 милиони евра поврат на ДДВ кон фирмите од почетокот на годинава

2 мај 2020, Скопје - Од почетокот на годината заклучно со април фирмите добиле поврат на ДДВ од 145 милиони евра. Тоа е за 16,7% повеќе во однос на претходната година. Само за  април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23% повеќе во однос на истиот месец лани.

Во однос на 2018 година, повратот на ДДВ за периодот јануари - април е зголемен за 19,4%, додека во однос на 2017 година за високи 67,6% повеќе.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска посочува дека во услови на најголемата здравствено-економска криза, клучно е одржувањето на ликвидноста на стопанството. Брзиот поврат на ДДВ е една од редовните активности коишто се преземаат во таа насока.

Кон подобрување на ликвидноста на фирмите се дејствува и преку  двата сета антикризани мерки што ги донесе Владата, како што се бескаматните кредити од линиите „Ковид 1“ и „Ковид 2“ на Развојната банка на Северна Македонија, во вкупен износ од 13,7 милиони евра, коишто се од големо значење бидејќи ги таргетираат микро, малите и средни претпријатија. Наскоро, преку комерцијалните банки ќе биде пласирана линија евтини кредити во износ од 51 милион евра.

Тука е и мерката за одложено плаќање на аконтациите на данокот на добивка за фирмите и данокот на личен доход за самостојните вршители на дејност. Преку мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за април и мај, чиј износ се проценува на околу 100 милиони евра, покрај основната намена за исплата на плати и зачувување на работните места, таа претставува и дополнителна голема ликвидносна инјекција во стопанството.