Ангеловска и Бектеши на средба со туристичко-угостителскиот сектор: Промените на уредбата за финансиска поддршка од 14.500 ден. по вработен ќе вратат отпуштени на работа и ќе зачуваат работни места.

30 април 2020, Скопје - Промените на уредбата за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен ќе придонесе работници кои претходно биле отпуштени да се вратат на работа. Со неа се излегува во пресрет и на барањата на најпогодените дејности, односно туризмот, угостителството и транспортот. Ова беше зборувано на денешната средба помеѓу претставници на угостителско-туристичката дејност, министрите за финансии и економија, Нина Ангеловска и Крешник Бектеши, и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.

Министерката за финансии посочи дека на состанокот со угостителите им биле презентирани новините во уредбата за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, со што им се овозожува средствата кои ќе им бидат дадени преку мерката да се трансформираат во грант, потоа да ја комбинираат оваа мерка со мерката „50% субвенции на придонеси“, како и дека, кога ќе аплицираат за мерката, мора  да го задржат бројот на вработени во однос на март минус 5%,10% или 15%, согласно големината на компанијата.

Во однос на условот за задржување на бројот на вработените на денот кога ќе аплицираат во споредба со март, министерката посочи дека има интерес од страна на фирмите кои веќе отпуштиле вработени да ги вратат на работа и веќе се разгледуваат можности како да им се излезе во пресрет. Исто така, таа посочи дека мораат да го задржат вкупниот број  вработени – односно и на неопределено и на определено време и сезонските работници.  

- Ќе најдеме солуција и ќе ги разгледаме бројките за да видиме колку од овие работодавци ќе ги вратат назад работниците на своите работни места. Доколку тие не ги вратат, доколу тие имаат намален број вработени во  март, тие нема да можат да аплицираат за мерката. Затоа бараме начин да ги вратат работниците. И секоја промена, јас сметам дека е во интерес за работниците затоа што се грижиме да ги заштитиме нивните  права. Ќе се погрижиме за секој работник којшто го изгубил работното место. Секоја влада сака да помогне да останат работниците, да се задржат работните места. Ќе им овозможиме да ги имаат сите средства за живот. Нашиот интерес единствено е дека треба суштински да се пристапи и дека оваа системска промена е во интерес  на работниците и на заштитата на работните места – рече Ангеловска и дополни дека условот за задржување на работните места се однесува и на оние кои се вработени на определено и на неопределено време, па затоа во однос на другите земји со слични мерки се построги.

Министерот за економија, Крешник Бектеши потенцираше дека и понатаму ќе продолжи интензивната комуникација со туристичко-угостителскиот сектор кој е еден од најпогодените во оваа криза, пред сѐ поради девизниот ефект кој го има овој сектор во Буџетот.

Тој истакна дека поради фактот што изминатите години овој сектор покажуваше одлични резултати, сега е неопходно заеднички да се работи на креирање и дополнување на сите мерки што сега ги носи Владата, но и кои ќе ги носи во периодот на опоравување.

- Со претставниците од туристичко-угостителскиот сектор разговаравме за последните измени на мерките за поддршка на економијата, со што како Влада покажуваме дека го слушаме гласот на бизнисот и дека сме флексибилни. Согласно сите економски логики, во кризни состојби државата треба и навремено да постпува и да биде флексибилна за состојбите. Со измените на мерките ние тоа го покажуваме. Во оваа насока ќе продолжиме и при носење на следните мерки, а наша главна цел е да им се овозможи на компаниите и после кризата да можат средствата да ги инвестираат во подобрување на капацитетите,  како и промоција на државата што е многу важно во периодот што следува, особено за секторот туризам - истакна Бектеши.

Крсте Блажевски од здружението на хотелиери „Хотам“ изрази надеж дека набргу ќе почнат да се отвораат сместувачките капацитети и хотели, како и рестораните.

- Ќе се навикнеме на еден нов живот, на едни нови мерки, и во очекување сме дека истите ќе се донесат што побргу. Се усогласивме, а сега се во тек  поднесувањата за мерките за помош. Во однос на гласините дека има отпуштања во секторот туризам, морам да нагласам дека постојаните вработени, оние со неколкугодишно искуство, не се отпуштаат. Можеби се работи за некои сезонски работници. Нормално е ако некој е вработен неколку месеци и нема никаков приход да замине. Тоа е мал број, можеби околу 5% во хотелско-угостителските објекти – рече Блажевски.

Мартин Ангеловски, претставник на угостителскиот сектор, рече дека угостителите ќе инсистираат да бидат вкклучени во процесот на изработување на правилата по кои ќе треба да се однесуваат угостителите кога ќе се отворат рестораните. Тој посочи дека се гледа придвижување кон мерките кои ги барале од Владата.

 Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот најави дека ќе се започне кампања за промоција на туризмот во земјава преку кампањата „Дома си е дома“, која ќе се одвива во текот на целата година, во соработка со сите комори, туристички агенции и туроператори во државава.

- Кампањата ќе биде насочена кон промовирање на домашниот туризам и сите атракции што ги имаме дома. Во 2019 година 51% од вкупниот број  ноќевања биле остварени од домашните туристи, тоа се околу 1,6 милиони туристи, па затоа ќе настојуваме истата бројка да ја достигнеме и во 2020 година, а ако може и да ја надминеме – рече Јаневски.