Ангеловска: Промената во уредбата за субвенционирање на плати е за заштита на работните места

30 април 2020, Скопје  – Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска појасни дека со измената на уредбата за субвенционирање на плати во стопанството ќе се поттикнат компаниите доколку имаат отпуштено работници над предвидениот процент од пет, 10 и 15 проценти, да ги вратат вработените на работа ако сакаат да аплицираат. Во случај пак кога некој од работниците доброволно заминал од работа или се работи за сезонски работници, тогаш компанијата ќе може да аплицира за мерката.

– Ние навистина се трудиме да го заштитиме секое работно место и промената во уредбата е точно во насока на заштита на работните места. Сметам и се надевам дека се работи за одредено недоразбирање или би рекла избрзана реакција, изјави денеска Ангеловска по вчерашните реакции на синдикатите и здруженијата на граѓани за заптита на работничките права.

На денешниот состанок со претставниците од туристичко-угостителскиот сектор едно од барањата и главните прашања било дека тие сакаат да вратат дел од работниците за да аплицираат за мерката.

– Тие велат, ние  имаме намалување над овие бројки. Дали може државата да ни овозможи да ги вратиме работниците? Тоа е единствено за интересот на работниците за ничиј друг интерес. Во време кога се затворени, ние велиме за да ја користите мерката, морате да ги испочитувате овие услови, рече Ангеловска.

Таа се согласува со тоа дека е краток периодот за да ги вратат вработените, меѓутоа, вели, тоа е на некој начин добар проблем кој ќе се потрудат да го решат во следните ден-два.

– Тоа е добар проблем, затоа што сега се соочуваме со прашање како да ги вратиме работниците кои во моментов добиле отказ или спогодба. И тоа е првиот чекор што треба да се знае, што треба да се има предвид. Ќе најдеме солуција и ќе ги видиме бројките за да видиме колку од овие работодавачи ќе ги вратат назад работниците на своите работни места, потенцира Ангеловска.

Таа додаде дека доколку тие не ги вратат, доколку тие имаат намален број на вработени во март, нема да можат да аплицираат за мерката.

-Затоа бараме начин да ги вратат работниците. И секоја промена јас сметам дека е во интерес за работниците, затоа што се грижиме да ги заштитиме нивните права. Ќе се погрижиме за скеој работник  кој го изгубил работното место. Дозволете прво да се обидеме да го вратиме работното место за да кога ќе се отворат овие сектори коишто сега разговараме тие да ги имаат работниците  и да бидат спремни веднаш да почнат со работа и со опоравување од економската активност, посочи министерката Ангеловска.

Според неа, не држат обвинувањата дека на ваков начин ќе се стимулираат отпуштања на работници.

-Која Влада, која држава сака да помогне да останат работници без работа. Сепак ќе ги згрижиме во системот секако тие работници. Ќе им  овозможиме да ги имаат ситре средства за живот. Но, нашиот интерес единствено е дека треба суштински да се пристапи и дека ова системска промена во интерес  на работниците и на заштита на работните места, истакна таа.

Мерката за мерката финансиска поддршка од 14.500 по вработен, посочи Ангеловска, е отворена за секоја компанија од секоја дејност која што имала 30 проценти пад на приходите.

Условот компаниите да не работеле со загуби претходните две години, е поставен за трите напогодени дејности, угостителство, туризам и транспорт, за да можат таа мерка да ја комбинираат со мерката за субвенционирање на придонеси до 50 проценти.

-Тој услов којшто  е поставен за овие три најпогодени сектори да можат да користат комбинација  14.500 се за сите. Дали може да ја користат оваа мерка условите се да немале загуба две години по ред  претходно односно 2018 и 2019 година.  Доколку работела на нула или позитивна нула  не се исклучени, доколку две години по ред прикажала загуба тогаш таа компанија не го исполнува тој услов и ќе може да ја користи само мерката за финансиска подршка од 14.500 без комбинирањето, рече министерката за финансии.

Таа појасни дека финансиската поддршка може да се комбинира и со мерката за покачени плати.

-Оние компании кои ги покачиле платите користат субвенции од 600 до 6.000 денари за тоа покачување. Таа мерка ќе продолжат да ја користат и тие субвенции во исто време секако доколку не се намалат платите на овој дел кој што му се субвенционираат придонесите, појасни Ангеловска.