Солидарно против ковид-19: #МојаНаграда само со дневни награди од 500 денари, повратот на ДДВ може да се донира

25 април 2020, Скопје - МојДДВ и МојДДВ #МојаНаграда во духот на солидарноста се приклучуваат кон борбата против ковид-19. Дел од фондот #МојаНаграда ќе се насочи кон борбата против вирусот, така што дневните награди ќе се сведат на 10 награди по 500 денари, додека месечните извлекувања од по 100.000 за мај и јуни нема да се одржат. Граѓаните ќе можат и да донираат средства од својот поврат на ДДВ преку апликацијата МојДДВ.

Фондот на наградната игра МојДДВ #МојаНаграда е намален за 4,4 милиони денари, средства што ќе се вложат во фондот за борба против ковид-19. Од почетокот на мај до крајот на јуни ќе се доделуваат по 10 дневни награди од по 500 денари преку #МојаНаграда, додека месечните извлекувања од по 100.000 денари ќе запрат во мај и јуни. Со ова, наместо 12 извлекувања ќе има 10 извлекувања за повисоките парични награди.

Месечните извлекувања ќе продолжат од 4 јули, кога ќе се одржи петтото извлекување во кое ќе учествуваат сите валидни и недобитни сериски броеви од дневните извлекувања од скенираните фискални сметки за периодот од 1.4.2020 година до 30.6.2020 година. Втората премија од 3 милиони денари ќе се извлекува на крајот од наградната игра на 19.12.2020 година.

Граѓаните преку апликацијата „МојДДВ“ ќе можат и да го донираат својот поврат на ДДВ за првото тримесечје од 2020 година за борбата против ковид-19. Преку опцијата „скенирам и донирам“, со која e надоградeна апликацијата „МојДДВ“ граѓаните ќе можат да одберат дали сакаат да го донираат својот поврат на ДДВ за првото тримесечје од 2020 година. Изборот ќе може да го направат до 5-ти мај.

На граѓаните, преку апликацијата, им се на располагање две опции: „да, го донирам мојот поврат на ДДВ“ и ,,не, благодарам“. Оној кој потврдно ќе одговори на опцијата за донација, дава согласност за донирање на целиот износ што треба да му биде вратен на трансакциската сметка, и нема да има можност за отповикување на дадената согласност. Корисникот кој ќе одговори негативно на прашањето, ќе има можност да го промени одговорот сѐ додека е отворена опцијата за избор, а ако не го промени мислењето, повратот ќе му биде исплатен на трансакциската сметка. Можноста за донирање, односно откажување од повратот за првото тримесечје, е до 5-ти мај.

За првото тримесечје од 2020 година граѓаните преку скенирање фискални сметки оствариле право на поврат од 5,59 милиони евра. Во овој период скенирани се 49,95 милиони фискални сметки.