Ребалансот на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет

Скопје, 11 мај (МИА) - Во Собранието на Република Македонија денеска седница ќе одржи Комисијата за финансирање и буџет, на која членовите ќе го разгледуваат Предлогот за измени

и дополнување на Буџетот за 2009 година.

 

Според ребалансот приходите на Буџетот за 2009 година се проектирани на 143.080.000.000 и се за 10,1 милијарда денари помали од проекцијата во Буџетот за 2009 година. Расходите се предвидени со измените  на 154.507.000.000  денари, што е за 13,290 милијарди помалку од проекцијата со Буџетот за 2009 година.

 

Дефицитот е предвиден на 11.427.000.000 денари или 2,8 отсто од Бруто домашниот производ.

 

Новата пониска проекција на  приходната страна, како што стои во образложението, е поради помалото остварување на даночните приходи како последица од влијанието од светската економска криза, ревидирање на даночните приходи во согласност со намалената стапка на пораст на БДП од еден отсто и стапка на инфлација од 1 до 2 проценти, како и вкалкулирање на ефектот од данокот на добивка како дел од пакетот на стимулативните мерки на Владата донесени на крајот на минатата година. 

 

На расходната страна се намалуваат за околу четири проценти ставката за плати и надоместоци за вработените кај буџетските корисници, за околу 16 отсто има намалување кај ставката за теховни расходи за стоки и услуги кај буџетските корисници, како и намалување на капиталните расходи за колу 17 проценти во однос на проектираното со Буџетот за 2009 година.

 

Целта на измените и дополнувањата на Буџетот за 2009 година, кои произлегоа поради влијанието од светската економска криза, е задржување на континуитетот на раст на БДП и избегнување рецесија. Со ребалансот се предвидува растот на БДП во 2009 година да изнесува 1 отсто.скс/дма/9:38