Започна ФинХакатон 2: МојДДВ #МојаНаграда

29 ноември 2019, Скопје - Од денеска до недела во Министерството за финансии, во заедничка организација со Фондот за иновации и технолошки развој, осум тима ќе треба да одговорат на предизвикот на ФинХакатон 2: МојДДВ #МојаНаграда - да креираат иновативна маркетинг стратегија за #МојаНаграда.

Како што истакна министерката за финансии Нина Ангеловска презентирајќи го предизвикот пред тимовите, целта на #МојаНаграда е преку иновативни решенија да се влијае на граѓаните да земаат фискални сметки и со тоа да се намали сивата економија.

- Пет месеци е во функција мобилната апликација МојДДВ и таа веќе ги дава резултатите. Наплатата на ДДВ е зголемена, има 180.000 граѓани кои активно скенираат околу 8 милиони фискални сметки месечно, или на дневно ниво 230-250.000 сметки. Со наградната игра одиме чекор понапред, да го зголемиме бројот на корисници, како и на скенираните сметки - рече Ангеловска.

Таа посочи дека Европската комисија ги објавила најдобрите примери на земји кои се избориле со сивата економија преку наградни игри, и дека ваквата пракса почнува од 1960 година во Тајван, каде што организирале лотарија со сметки, по чие спроведување наплатата на данокот се зголемила за 30 отсто.

Ангеловска на презентацијата рече дека наградната игра ќе започне во декември, како и дека ќе има мал редизајн на мобилната апликација МојДДВ каде што ќе бидат вклучени месечните, тримесечните и дневните извештаи на скенирани сметки. Ќе има и форма за пријавување на нерегуларности, односно ќе има копче преку кое ќе може веднаш да се пријави нерегуларноста ако не се добие фискална сметка.

И Ангеловска и директорот на ФИТР Јован Деспотовски истакнаа дека ФинХакатонот е одлична можност за афирмирање на младите и воедно да се развие претприемничкиот дух кај нив.

- Ме радува што нашата заедничка иницијатива со Министерството за финансии за ФинХакатон 2 ги охрабри, во најголем број, студентите по маркетинг, графички дизајн и сродните науки. Од вкупно пријавени 8 тимови, имаме дури пет од академијата Бреинстер како и од три маркетинг агенции кои во своите тимови вклучија по тројца студенти. Ова е уште еден мотив да продолжиме со Владата да нудиме различни решенија и проекти. Со ова им покажуваме на младите но и на бизнис-секторот дека го вреднуваме нивниот талент и работиме континуирано младите да ја споделуваат својата креативност дома бидејќи имаат реална шанса да дојдат до работен ангажман - рече Деспотовски.

ФинХакатон 2: МојДДВ #МојаНаграда е наменет за маркетинг агенции и други домашни компании, регистрирани согласно законот за трговски друштва, кои можат да понудат иновативна маркетинг стратегија. Со цел поддршка на младите, заинтересираните компании мораа во својот тим да вклучат и студенти со запишани студии од областа на економијата, правото, организациските студии, дизајнот, односи со јавноста или сродни студии.

Од хакатонот треба да произлезе иновативна маркетиншка стратегија за следните 12 месеци за брендирање, предлог-концепт, дизајн, креатива, видео-концепт, предлог за извлекувањата и прогласувањето на победниците за наградната игра „МојДДВ #МојаНаграда“. Буџетот за имплементирање на стратегијата за победничкиот тим ќе изнесува 2 милиона денари.