Зголемувањето на каматните стапки на државните записи не е причина за зголемување на каматите на банкарските кредити

Скопје, 4 мај (МИА) - Државата утре организира нова аукција на тримесечни и шестмесечни државни записи во износ од 1,9 милијарди денари, со каматна стапка

што ќе ја одреди пазарот.

 

На последната аукција одржана на 21-ви минатиот месец каматната стапка на тримесечните државни записи беше 8,90 отсто.

 

Од Министерството за финансии информираат дека заклучно со 21 април емитуваните државни хартии од вредност изнесуваат 8.560.960.000 денари, од кои 4.347.330.000 денари се однесуваат на емитуваните тримесечни државни записи.

 

Од Министерството за финансии посочуваат дека зголемувањето на каматните стапки на државните записи кои достигнаа близу девет проценти, не е причина за зголемување на каматните стапки за кредитите од банките на физичките и правните лица.

 

Оттаму потенцираат дека каматните стапки на државните записи во почетокот на нивното издавање достигнале и до 11 проценти, но оти во тој период не се зголемувале каматните стапки на кредитите кај банките.

 

Каматите на државните записи, како што беше посочено на средбата со новинарите, се поврзани со каматните стапки на депозитите во банките. Причина за тоа, како што рече на денешната средба со новинарите министерот за финансии Трајко Славески се зголемените каматни стапки на благајничките записи на Народната банка на Република Македонија, што пак произлезе од загриженоста на централната банка за остварување на нејзините цели - одржување на курсот на денарот.

 

Министерот Славески потенцира дека Владата ќе ги користи сите инструменти за одржување на курсот на денарот и оти доколку дојде до евентуално влошување на економската состојба ќе се посегне ако е потребно и по аранжман со Меѓународниот монетерен фонд.

 

За најавеното задолжување на странските пазари по последното намалување на кредитниот рејтинг воопшто на сите земји од регионот и на Македонија рече дека сумата која ја бара Македонија е релативно мала и оти ќе се фокусира на одредени инвеститори.

 

Според него, намалувањето на кредитниот рејтинг нема да влијае многу на обезбедувањето на средствата, затоа што инвеститорите се информираат од повеќе извори, а не само од една агенција.

 

Тој посочи дека нема да се оди со екстремни цени, туку во рамки на можностите на државата за задолжување.

 

Од Министерството истакнуваат дека како мала земја од овој регион емитуваната еврообврзница е интересна затоа што нема понуда од други земји.скс/вј/16:05

###

 

Презентација за државните хартии од вредност