Елези: Повеќе проекти за подобра инфраструктура во Полошкиот Регион преку МСИП

13 ноември 2019, Скопје - Изградба на булевар, филтер станици, реконструкција на локални патишта и училиште - се проектите кои се финансираат годинава преку Проектот за подобрување на општинските услуги - МСИП во Полошкиот Регион, рече заменик-министерката за финансии Ширет Елези на вчерашната владина седница која се одржа во Тетово. Заменик-министерката истакна дека преку инвестиции во вакви проекти се подобруваат општинските услуги, а со тоа и условите за живот за граѓаните во овие општини.

Елези посочи дека Министерството за финансии во август годинава склучило договор со општина Тетово за изградба на дел од булеварот Видое Смилевски-Бато во Тетово. Во рамки на проектот предвидено е продолжување на булеварот за дополнителни 671 метар со што ќе се овозможи премостување на сообраќајот од централниот дел на градот кон периферијата. Таа рече дека имајќи предвид дека булеварот поминува долж индустрискиот дел од  Тетово, тој истовремено претставува и главна комуникациска артерија за товарниот сообраќај кој од Скопје, Тетово и Гостивар се движи кон граничниот премин.

Исто така, општина Тетово подготвува проектна документација за да аплицира преку Проектот за подобрување на општинските услуги за набавка на автобуси за јавен превоз.

Таа рече дека со овој проект е опфатена и реконструкцијата на училиштето во општина Желино, во с. Палатица. Тоа подразбира реконструкција на училишната зграда, подовите и покривот, замена на прозорците и вратите, молерисување на внатрешната површина на зградата и набавка на мебел. Во Желино се реконструираат и два локални патишта преку овој проект, односно локалниот пат во с. Групчин и како и оној во с. Ново Село.

Во општина Врапчиште, пак, преку проектот се опфатени изградба на филтер станици во с. Неготино и с. Добри Дол.

Преку МСИП и ИПА грант за општина Гостивар обезбедени се средства за набавка на опрема за одржување на уличното осветлување, како и фотоволтаични системи за јавни објекти.

Инаку, Проектот за подобрување на општинските услуги го реализира Министерството за финансии со поддршка на Светска банка, како и со ИПА средства од ЕУ. Целта на проектот е преку инвестиции во инфраструктурни проекти во општините, како локални патишта, водоводи, градинки, училишта, опрема, да се подобрат општинските услуги и условите за живот во сите општини во земјава.