Прв мастерклас на УНКТАД во Скопје: Ги охрабруваме жените да целат повисоко

29 октомври 2019 година, Скопје - Потребна е поголема вклученост на жените во носењето клучни политики, решителност да го рашират својот глас, искористување на потенцијалот на технологиите за нивна поголема инклузија и креирање локални, регионални и глобални мрежи на жени претприемачи. Ова се поентите од првиот мастерклас „Е-трговија за жени“ организиран од УНКТАД (Конференција за трговија и развој на Обединетите нации) во С. Македонија.

Повеќе од 50 жени претприемачи учествуваа на првиот мастерклас кој се одржа изминатите два дена во Скопје, а потоа ќе се одржат уште серија исти во Кина, Индонезија, Иран, Мексико, Руанда и Брегот на Слоновата Коска. Нивен домаќин во Скопје беше  министерката за финансии Нина Ангеловска, како една од седумте жени амбасадори за е-трговија од целиот свет, избрана од УНКТАД да ја пренесе пораката за улогата на дигиталната трговија во развојот на претприемништвото кај жените како и важноста од нивно вклучување како поттик за економскиот раст. 

- Задоволство ми е што иницијативата мастерклас „Е-трговија за жени“ започнува токму од Република Северна Македонија. Поради пониското учество на жените на пазарот на труд, регионот губи 20 проценти од растот на бруто-домашниот производ, додека земјава 16 проценти, покажуваат податоците на Светска банка. Ако ова го имаме предвид, треба да креираме паметни политики за поголема вклученост на жените, еднакви шанси и можности за сите што ќе придонесат за поголем економски раст. Сакам да ги охрабрам сите жени да целат високо, да веруваат во себе, да го искористат потенцијалот на технологиите и дигитализацијата и постојано да се надоградуваат. Новиот брз дигитален свет бара интердисциплинарни барања и носи предизвици, но на крајот на денот секој поминат предизвик нѐ прави посилни и поискусни - рече министерката за финансии Ангеловска, која е прва жена министер за финансии.

Министерката во овој дел потенцираше дека жените не смеат да се откажуваат пред проблемите, туку да наоѓаат решенија користејќи ја синергијата меѓу технологиите и својот потенцијал, знаење и грижливост.

- Каде и да одиме ќе се соочуваме со проблеми, од тоа не може да избегаме. Само споделувањето на проблемот не е доволно. Умешноста е во идентификувањето но и во предлагањето решение. Затоа дефинирајте го проблемот и дадете ваша идеја за тоа како може да се реши. Само така заедно побрзо ќе доаѓаме до решенија и до добри резултати за сите - посочи Ангеловска.

- Жените претприемачи се соочуваат со бројни бариери како што се пристап до финансии, вештини и поддршка за раст на бизнисот, што се случува особено во земјите во развој. Целта на иницијативата „Е-трговија за жени“ е да креира силна мрежа на жени и воедно да ги инспирира да ги искористат можностите и да се вклучат во дигиталната економија - истакна Канденс Нкот Бисек, проектен менаџер на иницијативата „Е-трговија за жени“ на УНКТАД.

Според Ерик Јановски, претставник на канцеларијата на УСАИД во С. Македонија, поголемата вклученост на жените на пазарот на труд ќе доведе до поголем економски раст. Воедно ќе придонесе и за зголемување на животниот стандард во семејствата. 

- УСАИД има многу иницијативи кои ги поддржуваат жените, преку нив им помагаме на жените претприемачи да најдат нови пазари и да го зголемат извозот - рече тој.

Зошто е неопходно жените да креираат политики, прашаа  учесниците на мастеркласот. 

- Затоа што само тие што на своја кожа ги почувствувале проблемите можат да ги разберат и вистински да придонесат за нивно решавање. Затоа е неопходно да го слушнеме гласот на жените и да ја зголемиме нивната вклученост во носењето политики. За тоа се потребни политичка волја и правила што ќе се почитуваат, а не да бидат само на хартија - посочи Ангеловска.

Ова е единствен мастерклас од серијата „Е-трговија за жени“ на УНКТАД кој се одржува во Европа.