Потпишан договор со ЕБОР од 13 милиони евра за изградба на електронски систем за наплата долж Коридор VIII

20 септември 2019, Скопје - Побрз транспорт, олеснет проток на возила без гужви во сообраќајот и електронски систем за наплата на патарини низ целата земја ќе обезбеди „Проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини долж Коридорот VIII и автопатот Миладиновци - Штип“, за кој денеска се потпишаа договори за финансирање во Министерството за финансии. Договорите ги потпишаа министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава Анди Аранитаси и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Зоран Китанов, а на потпишувањето беше присутен и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Вкупната вредност на проектот е 13,7 милиони евра, од кои 13 милиони евра се обезбедуваат од Европската банка за обнова и развој, а 700 илјади евра  обезбедува Јавното претпријатие за државни патишта од својот буџет.

- Вложувањето во подобра инфраструктура е еден од клучните приоритети на оваа Влада.  Приоритет е и подобрувањето на услугите што ги добиваат граѓаните од државата. Од таа причина, договорот што го потпишуваме денес со Европската банка за обнова и развој е од исклучително значење за сите нас. Со имплементација на овој договор ќе се обезбеди побрз и полесен транспорт, без гужви на патарина, зголемена безбедност во сообраќајот и воведување  електронски систем за патарини на територијата на целата земја - рече министерката за финансии Нина Ангеловска.

Таа додаде и дека преку проектот ќе се подобри ефикасноста на наплатата на патарините, што пак ќе придонесе за зголемување на обемот на приходи на ЈПДП и нивно користење за подобрување на одржувањето на патната мрежа во земјава.

Со проектот се предвидува надградба и модернизација на постојните наплатни станици за патарина долж Коридорот VIII, како и изградба на три нови наплатни станици за патарина на автопатски делници кои се во тек на изградба - две на автопатoт Миладиновци - Штип и една на автопатoт Кичево - Охрид. Исто така, се предвидува инсталација на опрема за поврзување на надградените и новите наплатни станици за патарина со оперативниот центар за патарини во Петровец. Издвоени се средства за дизајн и изградба на дополнителна лента за зголемување на капацитетот на наплатната станица за патарина кај Миладиновци долж Коридорот VIII. Ќе се инсталираат фотоволтаични соларни панели на сите постојни и нови наплатни станици за патарина, кои се градат долж целата автопатска мрежа во Република Северна Македонија. Во рамки на проектот предвидени се и средства за одржување и задолжителни резервни делови за постојните наплатни станици за патарина долж Коридорот VIII и три нови наплатни станици за патарина на автопатските делници.

Директорот на Канцеларијата на ЕБОР истакна дека Банката поддржала седум проекти во патната инфраструктура во земјата во висина од 360 милиони евра. Тој посочи дека овој проект е всушност втора фаза од спроведувањето на централизираниот електронски систем за наплата на патарини.

- Со проектот ќе се поддржи користењето обновлива енергија од фотоволтаични соларни панели за снабдување на сите наплатни станици за патарина ширум земјата со енергија. Воедно, овој проект ќе придонесе за намалување на емисијата на штетни гасови бидејќи ќе се намали времето на чекање за корисниците на патиштата на Коридорот VIII - рече Аранитаси, директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава.

Министерот за транспорт и врски Сугарески истакна дека Електронскиот систем за наплата е дел од Интелигентниот транспортен систем со кој ќе се модернизира транспортот и ќе се зголеми функционалноста, безбедноста и предвидливоста на сообраќајот на патиштата.

- Наша конечна цел е да создадеме хармонизиран транспортен сектор, интегриран во европскиот систем на транспортни мрежи,  кој ќе го стимулира економскиот развој на земјата и ќе биде од бенефит не само за граѓаните денес, туку и за идните  генерациите - рече Сугарески.

Директорот на ЈПДП Китанов истакна дека како резултат на проектот се очекува зголемување на протокот на возила и соодветно зголемување на приходите од патарини. Истовремено, ќе се зголеми комфорот за крајните корисници на патиштата, значително ќе се намали можноста за манипулации и ќе се воспостави интероперабилен систем за електронска наплата со врвна технологија.

Условите под кои се зема заемот од ЕБОР се исклучително поволни - каматната стапка изнесува 6-месечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1% (односно во моментот 1% камата) и рок на отплата од 15 и пол години со грејс-период од 4 години.