МФ Ангеловска: Реформата на јавните финансии се интензивира

16 септември 2019, Скопје - Реформата на јавните финансии се интензивира. До крајот на 2019 година се очекува да се финализира новиот Закон за буџетите. Ова беше истакнато денес на Четвртиот дијалог за реформи во управувањето со јавните финансии што се одржа во Министерството за финансии, со кој претседаваше министерката за финансии Нина Ангеловска.

Програмата за реформa na управувањето со јавните финансии се спроведува втора година. Таа вклучува активности насочени кон подобрување на законодавството во повеќе основни области: планирање и буџетирање, јавни набавки, јавна внатрешна финансиска контрола, управување со јавниот долг и финансиска инспекција во јавниот сектор. Паралелно со подготовката на регулативата се работи и на јакнење на капацитетите на институциите.

 - Дел од амбициозната агенда опфатена со Програмата за реформи е и интегрираниот информациски систем за управување со финансиите кој ќе овозможи подобро следење и извршување на сите фази на јавното трошење на буџетските корисници  - од набавка до исплата. Процесот е во завршна фаза на мапирање и креирањето на техничката документација се очекува до крајот на 2019 година, рече Ангеловска на средбата.

На средбата се разгледуваше реализацијата на реформите предвидени со Програмата за реформа во јавните финансии. На истата присуствуваа и вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ Никола Бертолини, заменик-министерката за финансии Ширет Елези, директорите на Управата за јавни приходи, на Државниот завод за ревизија и на Државниот завод за статистика, експерти, претставници од релевантни институции и од невладиниот сектор.

 - Оваа реформа е голем предизвик кој го презема нашата Влада, со цел да дојде до поголема транспарентност и ефикасност во работењето на сите буџетски корисници. Ваквата амбициозна агенда повикува на здружени напори, усогласеност на ставовите на сите засегнати страни, еден сеопфатен пристап и силна посветеност и заедничка визија. Посветени сме да продолжиме со уште посилно темпо со цел имплементација на предвидените активности, нагласи министерката за финансии Ангеловска.

Освен планирањето, со Законот се подобрува и следењето на извршувањето на Буџетот преку воведување фискални правила и формирање Фискален совет.

Исто така, во тек е подготовка на нов закон со кој ќе се подобри ефикасноста и транспарентноста во управувањето со јавните средства од страна на институциите. Станува збор за нов Закон за јавна внатрешна финансиска контрола.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, ја поздрави посветеноста и заложбата на Владата за имплементација на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии. Исто така, беа поздравени активностите што се преземаат во насока на подобрување на системот на јавните финансии во земјава, односно квалитетот и отчетноста во менаџирањето на државните пари.

Беше заклучено дека имплементацијата на реформата на управувањето со јавните финансии ќе биде координирана со реформата на јавната администрација и ќе се продолжи со редовен, инклузивен и транспарентен дијалог со сите засегнати страни.

Инаку, Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 е прва сеопфатна стратегија од областа на управувањето со јавните финансии. Реформите во неа треба да придонесат за реализација на следните 7 цели: подобрување на фискалната рамка преку унапредување на проектирањето, подобрување на наплатата на приходи и истовремено поедноставување и подобрување на услугите на надлежните институции, унапредување на процесот на планирање и буџетирање, подобрување на извршувањето на Буџетот, зголемување на транспарентноста, зголемување на внатрешната контрола во институциите, како и на надворешната контрола и парламентарниот надзор.