Состанок на Конституенцата во Скопје: истакнати меѓународни експерти ќе дискутираат за клучни економски теми

18 јуни 2019 година, Скопје - Годинава ја имаме честа да бидеме домаќини на Состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светска банка (СБ) во која членува нашата земја, за првпат по 2003 година, кога Министерството за финансии и централната банка ја имаа улогата на организатори на овој значаен настан.

Овој состанок претставува значајна можност да ја потврдиме подготвеноста да бидеме носители на настани што се на високо експертско ниво. Средбите на Конституенцата претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки на Конституенцата разменуваат мислења за економските политики и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија. Ова беше истакнато денес на средбата со новинарите во Народната банка, организирана по повод одржувањето на Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и СБ од 21 до 23 јуни во Скопје.

На Состанокот на Конституенцата ќе учествуваат високи претставници на ММФ и СБ. Директорот на Одделот за фискални работи во ММФ, Виктор Гашпар, директорот на Одделот на ММФ за Европа, Пол Томсен, потпретседателите на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер и за човечки капитал, Анет Диксон и потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија Георгина Бејкер, како и директорите во ММФ и СБ задолжени за Холандско-белгиската конституенца, Антони де Ланој и Кун Дависе се само дел од претставниците на двете меѓународни институции што доаѓаат во Скопје.

Веќе е потврдено учеството и на високи претставници на носителите на монетарната и на фискалната политика од сите земји членки на Конституенцата, меѓу кои десет гувернери на централни банки и четворица министри за финансии. Како главен говорник и учесник на една од панел-дискусиите на конференцискиот дел од Состанокот во Скопје доаѓа и истакнатиот професор Луиџи Зингалез од Чикашкиот универзитет, којшто во меѓународни рамки важи за еден од најеминентните стручни проследувачи, анализатори и оценувачи на капитализмот.

Министерот за финансии Драган Тевдовски нагласи дека ова е најголем настан во областа на финансиите во последната декада.

„Тројца потпретседатели на групацијата на Светска банка ќе присуствуваат на Конституенцата. Станува збор за потпретседателот на Светска банка за Европа и Централа Азија Сирил Милер, потпретседателката за развој на човечки капитал на Светска банка Анет Диксон и потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација Георгина Бејкер. За нас ова е од големо значење бидејќи не е вообичаено толку многу високи претставници на Светска банка да присуствуваат на конституенца.

Нивното присуство е потврда за угледот што го уживаат Министерството за финансии и Владата, за прогресот на реформите во јавните финансии и истовремено е доказ за вистинската насока во која се движи нашата држава“, потенцира тој.  

Во периодот на одржување на Состанокот на Конституенцата, нашата земја ќе биде центар на експертски дискусии за клучни економски теми. Меѓу говорниците на панел-дискусиите ќе бидат и министерот Тевдовски и гувернерката Ангеловска-Бежоска. Покрај дискусиите што ќе се водат заеднички меѓу сите учесници на настанот, во рамки на Состанокот во Скопје ќе се одржат и повеќе билатерални средби и разговори меѓу претставниците на ММФ и СБ и на земјите членки на Холандско-белгиската конституенца.

Во Холандско-белгиската конституенца, покрај Холандија, Белгија и нашата земја, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора.

„На Состанокот, во сабота, во рамки на основната тема „Како до поправеден систем за сите“, ќе се разговара за сѐ поголемата нееднаквост во доходот, факторите што го предизвикуваат овој тренд,  долгорочните и краткорочните последици од тоа врз економскиот раст, но и во повеќе други сегменти од општеството и инструментите и политиките што им стојат на располагање на носителите на политиките. Притоа, посебен акцент ќе биде ставен на политиките за промовирање поголема конкуренција, ефективно користење на фискалната политика за редистрибутивни цели, подобрување на управувањето во сферата на финансискиот сектор и на инвестициите во човечки  капитал“ – соопшти гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи дека овие важни теми се поврзани и со низа натамошни активности во меѓународни рамки, како и со конкретни планови и програми на ММФ и Групацијата на СБ. 

Како дел од годишните средби еден ден претходно, во петок, на Економскиот факултет во Скопје пред студентите ќе одржат предавања Антони де Ланој извршен директор на ММФ и Кун Дависе извршен директор на Светска банка.

Истиот ден, во петок, во Министерството за финансии ќе се одржи и прес-конференција на која потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер ќе ја презентира Стратегијата за соработка помеѓу Светска банка и Република Северна Македонија.

Во рамки на истата ќе биде потпишан Меморандум за соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за поврзување на домашните компании со странски. Меморандумот ќе биде потпишан од страна на  потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација во групацијата на Светска банка Георгина Бејкер, министерот за финансии Драган Тевдовски и амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада.  Проектот е финансиран од СЕКО.

„За нас проектот на Меѓународната финансиска корпорација за поврзување на странските и домашните компании е од големо значење, бидејќи тоа ќе го засили ефектот од влезот на странски фирми во земјава. За странските фирми тој ќе значи поврзување со квалитетни добавувачи, додека за домашните компании ќе значи дополнителна работа, можност за пласман на нови пазари и пренос на know-how“, потенцира министерот за финансии Тевдовски.