Тројца потпретседатели на Светска банка доаѓаат на Конституенцата во Скопје

17 јуни 2019, Скопје - Тројца потпретседатели на групацијата на Светска банка ќе присуствуваат на Конституенцата на Светска банка и ММФ што ќе се одржи од 21 до 23 јуни во Скопје. Станува збор за потпретседателот на Светска банка за Европа и Централа Азија Сирил Милер, потпретседателката за човечки развој на Светска банка Анет Диксон и потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација Георгина Бејкер.

Инаку, не е вообичаено толку многу високи претставници на Светска банка да присуствуваат на конституенца. Затоа ова претставува потврда за прогресот на реформите во јавните финансии, како и за добрата соработка на  Владата со Светска банка.

Освен тројцата потпретседатели на Светска банка, на Состанокот на Конституенцата ќе присуствуваат и директорот на ММФ за Европа Пол Томсен и директорот за фискални работи на ММФ Виктор Гашпар, но и министри за финансии и гувернери на централни банки од земјите членки на Конституенцата, Холандија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора.

Организатори на годинашниот Состанок на Холандско-белгиската конституенца на Групацијата на СБ и ММФ се Министерството за финансии и Народната банка. Средбите претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки разменуваат мислења за политиките и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија.