Изградена прва градинка во Бардовци преку Проектот за подобрување на општинските услуги

13 јуни 2019 година, Скопје - Нова градинка со вкупна вредност од 24,2 милиони денари е изградена во населеното место Бардовци преку Проектот за подобрување на општинските услуги кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка и на ЕУ. Министерот за финансии, Драган Тевдовски, заедно со градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, денеска ја посетија градинката. 

Министерот за финансии Драган Тевдовски потенцира дека сите деца треба да имаат пристап до висококвалитетна претшколска установа.

- Износот на капитални инвестиции во градинките планиран во Буџетот за оваа година е за 300 проценти повисок во споредба со 2018 година, со што се потенцираат силните заложби на Владата за вложување во темелите на општеството, вели тој.

Градинката е изградена со ИПА грант средства од ЕУ во износ од 7,3 милиони денари и општинско кофинансирање во износ од 16,9 милиони денари.

Во градинката можат да престојуваат 78 деца на возраст од две до шест години и во истата од минатиот месец се згрижени 20 деца.

- Новиот објект на ЈОУГД „Распеана младост“ – „Виножито“, во Бардовци, дополнително ги зголемува капацитетите за згрижување на деца. Станува збор за целосно нов објект со капацитет за згрижување на 78 деца од овој дел на Карпош. Ова е капитален проект со кој се потврдува нашата заложба за развој на периферните делови на Општината. Ова е втор нов објект на градинка за краток временски период во Карпош, имајќи предвид дека во декември 2018 го отворивме и новиот објект „Јасмин“, во склоп на градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 2. Нашата намера е да се зголеми опфатотот на деца кои одат во предучилишно образование, рече градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Изградбата на градинката е од големо значење за жителите на Бардовци со оглед на тоа дека е прва градинка во ова населено место.

Преку Проектот за подобрување на општинските услуги кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка и на ЕУ изградени и реконстрирани се 7 градинки со вкупна вредност од речиси 80 милиони денари.