Заменик министерката за финансии Елези на Пленарен состанок на БЕПС во Париз

29 мај 2019, Париз - Заменик министерката за финансии Ширет Елези учествува на Пленарниот состанок на БЕПС Инклузивната рамка (Рамка за мерки против даночна евазија) кој се одржува во Париз, Франција. Главна тема на дискусија на состанокот се предизвиците кои произлегуваат од дигитализацијата.

Учеството на Република Северна Македонија на Пленарниот состанок на БЕПС е доста значајно, бидејќи на него се утврдуваат важни чекори кон потенцијални решенија во меѓународните даночни норми.

Дополнително, оваа средба е одлична можност за зголемување на соработката со експертите на ОЕЦД за различни теми.

Заменик министерката за финансии Елези на маргините на настанот оствари и повеќе средби со свои колеги од Европа.

Во август 2018 година Република Северна Македонија стана 117-та земја членка на БЕПС Инклузивната рамка и како таква заедно со останатите земји на исто ниво учествува во преземање на мерки за спречување на можностите за одбегнување на плаќање на данок, односно мерки за зачувување на својата даночна основа, а со тоа и на своите даночни приходи. BEPS пакетот е составен од 15 мерки во рамки на кои се утврдени активности кои ќе им помогнат на земјите во справувањето со можностите за одбегнување на плаќањето на данок. Република Северна Македонија активно учествува во имплементирањето на овој пакет на мерки.