Со голем интерес од граѓаните започнаа Деновите на финансиска писменост

28 мај 2019, Скопје - Целта на деновите на финансиска писменост е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да зголеми свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги. Ова беше истакнато на денешниот почетен настан по повод Денови на финансиска писменост, кој се организираше пред платото на Министерството за финансии.

На настанот со инфо-пултови учествуваа институциите од Телото за финансиска едукација, односно Министерството за финансии, Народната банка, Агенцијата за супервизија на осигурување, Комисијата за хартии од вредност и МАПАС. Учествуваа и банки, осигурителни друштва, штедилници и други финансиски компании кои ја поддржаа акцијата.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека се преземаат активности за финансиска едукација на различни целни групи.

-Изминатиот период опфатени се повеќе основни и средни училишта, но одржани се и стручни предавања на факултетите. Преземаме активности за поголема финансиска инклузија. За таа цел во изработка е Законот за платежни услуги и платни системи кој го подготвуваме во соработка со Народна банка. Тој предвидува воведување на платежна сметка со основни функции, која ќе може да ја отвори секој граѓанин. Исто така, со законот ќе се воведат решенија што ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги-рече министерот за финансии Тевдовски и посочи дека Министерството презема и мерки за заштита на правата на потрошувачите преку совети за безбедно користење на финансиските услуги.

Инаку активностите на институциите за деновите на финансиска писменост продолжуваат и следните неколку дена. Во Народната банка ќе има инфо-пулт до петок од 10 до 13 часот. Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка презема низа активности за проширување на знаењето на помладите генерации, но и на повозрасното население.

-Во рамки на годинешново издание на оваа, веќе традиционална манифестација, Народната банка ќе спроведе концепт поразличен од претходните ‒ концепт на отворени врати за сите заинтересирани граѓани. Имено, во следниве три дена, во рамките на Деновите на финансиската писменост, Народната банка ќе одржи информативно-едукативни презентации за возрасната популација за дел од своите клучни функции: монетарната политика,  банкарскиот систем и платниот систем и платежните услуги. Сите заинтересирани граѓани ќе може да го посетат информацискиот пулт во Народната банка заради добивање одговори на прашањата коишто се во доменот на централнобанкарското работење-рече Ангеловска-Бежоска.

Информативни пултови по повод на Деновите на финансиска писменост ќе има и во експозитурите и филијалите во дел од банките во земјава.

Претседателката на КХВ, Нора Алити најави дека граѓаните ќе можат следните три дена да се информираат и на пулт кој ќе биде поставен во Комисијата.

-Во наредните три дена пед платото на седиштето на Комисијата ќе има поставено инфо пулт каде сите граѓани ќе можат да пристапат и да добијат одговор на сите прашања кои ги имаат во врска со работата на регулаторот на пазарот на хартии од вредност, финансиските инструменти, заштитата на акционерските права. Во оваа кампања се вклучени и Македонската Берза, Централниот депозитар на хартии од вредност, брокерските куќи дирекциите кои работат со хартии од вредност во банките, како и друштвата за управување со инвестициски фондови кои во наредните три дена ќе бидат отворени за граѓаните - рече Алити.

Престедателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување - МАПАС, Максут Али истакна дека тие како институција за Деновите на финансиска писменост упатиле јавен повик до граѓаните за отворени денови во оваа институција. Од утре сите граѓани ќе можат да се информираат за прашања поврзани со капитално пензиско осигурување во просториите на МАПАС но и кај пензиските друштва, истакна тој.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување Климе Попоски истакна дека Агенцијата уште од самото формирање се залага за унапредување на финансиската писменост, организирање на финансиски едукативни активности, поdготовка на информативни брошури и интерактивни игри за децата преку кои ќе добијат повеќе знаење во областа на осигурувањето.

Инфо-пултовите пред Министерството за финансии ги посетија преку 300 ученици од основни и средни училишта, како и голем број на заинтересирани граѓани.