Котација на државни обврзници на Македонска берза

Денеска потпишавме договор со Македонска берза, кој овоможува државните обврзници да котираат на берзата. Котацијата ќе започне од почетокот на 2019 година. Со ова ги следиме европските трендови, но и примерите на сите развиени земји со функционален пазар на капитал.

Кои се придобивките од котацијата на државните хартии од вредност на Македонската берза? - Се прави клучен чекор кон развивање на пазарот на капитал. Покрај добро развиениот примарен пазар, се развива секундарниот пазар на тргување. Тоа значи поголема ликвидност на пазарот на капитал, но и поголема транспарентност.

Од почетокот на 2019 година, државните хартии од вредност ќе станат достапни за повеќе инвеститори - како во земјата, така и во странство. Ќе напоменам дека преку заедничката платформа на берзите од регионот СЕЕ линк, македонските државни обврзници ќе станат достапни за инвеститорите од регионот, но и Европа. Инаку државните хартии од вредност на останатите земји од регионот веќе се достапни на СЕЕ линк. Ова ќе придонесе за поголема видливост на цените т.е. поголема транспарентност. Секако, поголемата  конкуренција кај побарувачката ќе обезбеди фер цена, односно камата.

Котацијата на Македонската берза, значи дека новата година ќе започне со понатамошни позитивни настани поврзани со државните хартии од вредност. Би сакал да ја искористам оваа можност накратко да го сумирам она што беше постигнато во претходниот период. Мило ми е да истакнам дека 2018 година e одбележана од три главни позитивни настани за Министерството за финансии и пазарот на капитал воопшто.

Прво, на почетокот на годината беше издадена најуспешната еврообврзница на Република Македонија, со историски најниска каматна стапка од 2,75%. За споредба, каматата за претходните еврообврзници се движеше од 4 до 10%. Побарувачката за еврообврзницата беше седумкратно повисока понудениот износ за продажба. Инвеститорската база ја сочинуваа најеминентните глобални инвестициски фондови и инвеститори, што е најдобар можен доказ за довербата во правецот на движење на македонската економија и на земјата генерално.

Второ, значајна новина на домашниот пазар на државни хартии од вредност е издавањето на првата 30 годишна обврзница. Ова ја потврди довербата на инвеститорите и степенот на развој на примарниот пазар на државни хартии од вредност, особено поради присуството на странски инвеститори на страната на побарувачката. Во текот на годината беа одржани три аукции на 30-годишни државни обврзници, на кои беше забележан значителен интерес и двојно поголема побарувачка во однос на понудата. Со ова, Република Македонија е една од првите држави во регионот која успешно издава државни хартии од вредност со овој рок на доспевање.

Трето, намалени се каматните стапки на државните хартии од вредност, односно цената која државата ја плаќа на инвеститорите. Ова е резултат на високата побарувачката (2-3 пати повисока од понудата на аукциите во 2018). Побарувачката пак, се должи на исправните политики и довербата на инвеститорите за македонската економија и генерално за земјата. Ако пред една година, Министерството за финансии издаваше хартии од вредност по каматни стапки во распон од 2,10% до 4,30% за инструменти со рок на достасување од 12 месеци до 15 години, денес истите тие инструменти се издаваат по каматни стапки во распон од  0,9% за рок на достасување од 12 месеци до 4,50% за рок на достасување од 30 години. Попластично кажано, она што државата во средината на 2017 година ја плаќаше за 12-месечен запис, сега го плаќа за 5-годишна државна обврзница.

Благодарам