Експозе на буџетот за 2019 година - Пленарна седница

Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2019 година е најдобра потврда дека Владата продолжува посветено да работи на постигнувањето на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.

Со Предлог-Буџетот предвидуваме натамошно намалување на буџетскиот „минус„, односно намалување на буџетскиот дефицит за пола милијарда денари. Од 2,7% од БДП во 2018, дефицитот се намалува на 2,5% од БДП во 2019. Ваквата дисциплинирана фискална политика, односно постепената фискална консолидација, е клучна и неопходна компонентна за среднорочно стабилизирање на јавниот долг. Исто така, држејќи се до дефицитот предвиден во Фискалната стратегија, всушност водиме кредибилна и предвидлива фискална политика.

Водењето на ефикасна, домаќинска и транспарентна фискална политика, не значи само низок и опаѓачки дефицит, туку и вложување на јавните пари за подобрување на економијата и животот на граѓаните. Токму тоа го постигнуваме со Предлог-Буџетот за 2019. Тој предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените; повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал; повисоки плати во образованието и градинките; целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток; историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; раст на платите на сите вработени во јавната администрација; како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата.

Почитувани пратеници,

Пред да прејдам на елаборирање на Предлог-Буџетот за 2019 година, би сакал да дадам краток осврт на економската активност и фискалните движења од оваа година, односно условите во кои е креиран Предлог-Буџетот.

По слабиот раст на почетокот на 2018 година, во вториот и третиот квартал е забележан раст на БДП од 3%, што укажува на закрепнување на економската активност, со позитивни поместувања кај речиси сите позначајни дејности во економијата. Така, активноста во индустрискиот сектор продолжи да расте со посилен интензитет. Растот во услужниот сектор, исто така, е забрзан, со позначителен придонес на трговската дејност, додека активноста во градежниот сектор бележи забавување на динамиката на пад. До крајот на годината се очекува задржување на позитивните сигнали кај приватните инвестиции, како што се силниот прилив на СДИ во земјата, високиот раст на извозот и позитивниот придонес на приватната потрошувачка врз растот. Со оглед на ова, реалниот раст на БДП во 2018 година е оценет на 2.8%. Ова се базира не само на оценките и очекувањата, туку и на досегашните остварени движења - клучните бројки се исклучително позитивни и укажуваат на широко-базиран економски раст:

  • Остварен раст од 5,2% на индустриското производство во првите 10 месеци на годината, со раст на преработувачката индустрија од 6,7%;
  • Остварен раст на просечната нето-плата од 5,6% во првите девет месеци на годината;
  • Остварен годишен раст на вработеноста од 2,2% заклучно со септември (16.000 нови работни места), при историски најниска стапка на невработеност од 20,8%;
  • Остварен раст на кредитирањето од 8,2% со октомври, како одраз не само на растот кај кредитите на домаќинствата од 10,5%, туку и кредитите на претпријатијата од 6,0% (највисок раст во повеќе од две години);
  • Остварена ниска и стабилна инфлација од 1,5% во периодот јануари – ноември (наспроти неодговорните алармантни најави за ценовен шок во истиот овој период лани);
  • Остварен раст на извозот на стоки од 16,3% во првите десет месеци;
  • Остварени странски директни инвестиции од 316 милиони евра во првите девет месеци  значително повисоко од вкупниот годишен износ изминатата година!
  • Остварен висок раст на наплатените даноци и придонеси од  8,1% заклучно со месец ноември 2018 година. Подобрата наплата кај сите видови даноци, како и придонесите, е уште една потврда за позитивните движења во економијата и вработеноста!         

Почитувани пратеници,

Заклучно со ноември 2018 година, реализацијата на приходите и приливите на Буџетот на Република Македонија е генерално во рамките на очекувањата, а плаќањата на расходите се реализираат редовно и навремено.

Во периодот јануари - ноември 2018 година, вкупните буџетски приходи се реализирани во износ од 169,4 милијарди денари, и се повисоки за 5,6% во однос на истиот период од претходната година, првенствено како резултат на подобрата наплата на приходите од даноци и придонеси. Расходите во овој период се реализираа во износ од 178,9 милијарди денари и се за 3,6% повисоки во однос на истиот период минатата година. Во периодот јануари-ноември 2018 година, остварен е дефицит на Буџетот на РМ во висина од 9,5 милијарди денари, што претставува 1,4% од БДП. Дефицитот е за 2,8 милијарди денари понизок од остварениот дефицит во истиот период минатата година.

Државниот долг на Република Македонија на 30.9.2018 година изнесува 4,3 милијарди евра, односно 40,3% од БДП, додека јавниот долг на изнесува 5,1 милијарди евра, односно 48,2% од БДП. Кај долгот нема поголеми промени во првите 3 квартали на 2018 година, односно во однос на крајот на 2017 година, државниот долг е повисок за 0,8 процентни поени од БДП, а јавниот долг за 0,4 процентни поени.

Предлог-Буџетот за 2019 базира на следните очекувања за макроекономските движења: Во домашната економија ќе продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор, при дополнителен позитивен ефект од владините политики и мерки. Политичката стабилност, отворањето на евро-атлантските перспективи и враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции, а дополнителен инпут кон инвестициите ќе има и забрзувањето на поголемите јавни инфраструктурни проекти. Следствено, бруто-инвестициите во 2019 година ќе бидат повисоки за 4,2% на реална основа. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки и проекти, придружени со ниската и стабилна инфлација, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка. Во 2019 година таа ќе забележи раст од 2,4% на реална основа, додека реалниот раст на јавната потрошувачка година ќе изнесува 1%. Понатаму, ќе продолжат позитивните движења кај надворешната трговија, со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од 8,5%, при реален раст на увозот од 6,8%.

Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2%. Ова е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (ММФ-2,8%, Светска банка-2,9%, НБРМ-3,5%), што претставува уште еден доказ дека во Буџетот тргнуваме од реалистични претпоставки како најсоодветен инпут за реалистични фискални проекции и одговорна фискална политика.

Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени во 2019 година изнесува 2,1%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на 20%. Просечниот раст на нето-платата во 2019 година се очекува да изнесува 4,5% на номинална основа.

Стапката на инфлација во 2019 година се очекува да биде ниска и да изнесува 2%, со динамика која ќе биде главно под влијание на движењето на светските цени на примарните производи. Во 2019 година, дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се очекува да остане низок, во износ од 1,2% од БДП. Предвидените движења во платниот биланс ќе резултираат со задржување на девизните резерви на адекватно ниво. Стабилниот девизен курс на денарот во однос на еврото ќе се задржи и во 2019 година, во функција на одржување на ценовната стабилност како крајна цел на монетарната политика.

Почитувани пратеници,

Би сакал сега подетално да се задржам повеќе на содржината на самиот Предлог-Буџет за 2019 година и политиките кои се вградени во истиот.

Буџетот на Република Македонија за 2019 година ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, односно проектите и мерките за постигнување на повисок економски раст, подобар живот за граѓаните и повисоко ниво на социјална правда. Истовремено, тој е одраз на определбата на Владата за ефикасно и домаќинско управување со народните пари.

Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 17,7 милијарди денари во абсолутен износ, односно 2,5% од БДП, што е во согласност со Фискалната стратегија на РМ за 2019-2021 година. Ова претставува намалување на дефицитот за пола милијарда денари, односно од 2,7% од БДП во 2018 година. Намалувањето на дефицитот најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување на повисоки плати и поголема поддршка на домашната економија, како и средства за повисоко ниво на социјална правда. Ние сме цврсто уверени дека овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и животниот стандард. Истовремено, намалувањето на буџетскиот дефицит претставува најдобра потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото.  

Проекциите за приходите на Буџетот за 2019 година се базираат на реализацијата на приходите во тековната година, на очекувањата за економските остварувања во идната година, како и на реформата кај персоналниот данок на доход и кај социјалните придонеси.

Даночните приходи за 2019 година се планирани во износ од 121,9 милијарди денари, вклучувајќи го и очекуваниот ефект од воведувањето на праведното оданочување од околу 1,5 милијарди денари. Оваа мерка се презема со цел да се намали доходовната нееднаквост во Македонија, која е моментално меѓу највисоките во Европа, како и со цел да се обезбедат дополнителни буџетски средства за вложувања во јавни услуги и инфраструктура.

Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и за здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 62,3 милијарди денари. Овие очекувања ги вклучуваат и реформите за постепено стабилизирање на пензискиот систем и обезбедување на негова оддржливост. Со Буџетот за 2019 година планирано е зголемување на стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување за 0,4 процентни поен и зголемување на придонесот за здравствено осигурување за 0,1 процентен поен. Позитивните ефекти од порастот на придонесите во буџетите на соодветните фондови изнесуваат околу 1,1 милијарди денари. Дополнително на ова, планирани се мерки со цел решавање на проблемот со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и решавање на проблемот со нерамноправна распределба на осигурениците во двостолбниот пензиски систем.

Вкупните расходи во Буџетот за 2019 година, планирани во износ од 228,5 милијарди денари, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

Тековните расходи за 2019 година се планирани во износ од 202,6 милијарди денари, наменети за редовна исплата на платите на вработените во јавниот сектор и нивно зголемување во последниот квартал од 2019 година за 5%, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, како и засилена поддршка на малите и средните претпријатија.

Во овие рамки:

  • Расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од 28,4 милијарди денари. Во рамки на овие средства предвидено е покачување на платите за 5 % за вработените во буџетските корисници во последниот квартал од годината, односно почнувајќи со исплатата на септемвриската плата. Ваквото зголемување се предлага со цел подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, особено во фаза на спроведувањето на преговорите околу интеграцијата во ЕУ и НАТО.
  • Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 19,6 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници. Тука е вклучено зголемувањето на средства за финансирање на здравствените програми, што е поддржано и со обезбедување на средства за бесплатно болничко лекување за одделни ранливи категории, зголемувањето на материјалните трошоци во Министерството за одбрана за приближување кон НАТО стандардите, како и обезбедувањето на средства за претседателски избори во 2019 година.
  • Тековните трансфери и субвенции во 2019 година се планирани на ниво од 145,4 милијарди денари, и се однесуваат на:
    •  Социјални трансфери, проектирани на износ од 107,7 милијарди денари, и тоа:
      • 56,4 милијарди денари се наменети за исплата на пензии;
      • За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност планирани се средства во износ од 1,4 милијарди денари.
      • За спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 1,1 милијарда денари. Овие средства ќе бидат насочени кон креирање на програми, мерки и услуги кои ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавањето на нови работни места, како и вработувањето на млади лица - младинска гаранција. Ова претставува историски највисок износ на буџетски средства за активни мерки за вработување.
      • За здравствена заштита се планирани средства во износ од 30,2 милијарди денари. Ова ниво на планирани средства за здравствена заштита, кое ќе се реализира преку Фондот за здравствено осигурување, е поголемо во однос на (ребалансот за) 2018 година за 1,2 милијарди денари, во најголем дел наменети за финансирање на здравствените услуги, како и за зголемување на платите на докторите специјалисти за 10% почнувајќи од јануари 2019 година и за дополнителни 5% почнувајќи со исплата на септемвриската плата во 2019 година. Истовремено предвидено е да се зголемат платите за 5% на останатиот медицински персонал во јавните здравствени установи почнувајќи со исплатата на јануарската плата во 2019 година. 
      • Обезбедувањето на соодветно ниво на социјална заштита на најранливите слоеви на населението е од особена важност за постигнување на повисоко ниво на социјална правда. Оттука, во предлог-буџетот за социјални надоместоци планирани се средства во износ од 10,3 милијарди денари, во чии рамки е опфатена целосната реформа на системот за социјална заштита преку воведување на гарантиран минимален приход, социјална пензија и образовен и детски додаток. Реформата на социјалната заштита е насочена кон редизајнирање на видовите, адекватноста и таргетирањето на социјалната помош, со цел поддршка на најранливите категории, како и обезбедување на социјална сигурност на старите лица.
    •  Субвенциите во земјоделството, како и значителниот износ на средствата од ИПАРД програмата, ќе обезбедат негово натамошно зајакнување и поддршка со цел зголемување на производството и извозот на македонските земјоделски производи.
    • За зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања, поддршката на малите и средните претпријатија, иновативната дејност, технолошки развој и истражување и странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони планирани се средства во вкупен износ од  2,8 милијарди денари.
    • Предвидени се трансфери до ЕЛС во износ од 19,1 милијарди денари за финансирање на пренесените надлежности на општините и приходи остварени од ДДВ. Во однос на 2018 година, овие средства се зголемени за 1 милијарда денари, од кои 143 милиони денари по основ на ДДВ дотација, додека за 865 милиони денари е зголемена блок дотацијата. Во овие рамки се обезбедени средства за зголемување на платите за вработените во институциите од пренесените надлежности на ЕЛС за 5% почнувајќи од септемвриската плата во 2019 година, односно платите на вработените во училиштата, градинките, домовите за стари лица, културните установи и пожарникарите, како и за материјални трошоци за делегираните надлежности на општините.

За капиталните инвестиции издвојуваме значителен износ на финансиски средства во насока на поддршка на економскиот развој, утврдени на ниво од околу 26 милијарди денари, обезбедени од изворни буџетски средства, ИПА фондови и поволни кредити. Во 2019 година планирано е инвестирање во повеќе области и тоа:

  • Капитални расходи за патната и железничка инфраструктура во износ од 5,2 милијарди денари.
  • Вложување во енергетската и комунална инфраструктура како и управувањето со отпад, за што се проектирани капитални инвестиции во износ од 5,5 милијарди денари.
  • Уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи, за која намена планирани се 631 милиони денари.
  • За здравствениот сектор планирани се капитални инвестиции во износ од 1,3 милијарди денари.
  • За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции во износ од 2,8 милијарди денари.
  • Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 3,3 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.
  • Во областа на правосудството планирани се средства во износ од 529 милиони денари.

Почитувани пратеници,

Проектираниот буџетски дефицит за 2019 година изнесува 17,7 милијарди  денари, односно 2,5% од БДП, согласно определбата за постепена фискална консолидација, односно чесно, одговорно и домаќинско располагање со народните пари. Притоа, покрај покривање на дефицитот, ќе бидат потребни и 16,5 милијарди денари за отплати на стари долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2019 година изнесуваат 34,2 милијарди денари. Овие средства ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Задолжувањето во странство може да се реализира преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на одделни проекти, како и преку заем за буџетско финансирање гарантиран од Светска банка. Понатаму, со задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги историски ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите.

Сумарно, нето-задолжувањето, односно разликата меѓу ново задолжување и отплата на стари долгови во 2019 година изнесува 28,6 милијарди денари (9,2 милијарди денари нето-домашно задолжување преку државни хартии од вредност и 19,3 милијарди денари нето-надворешно задолжување). Со овие средства, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 17,7 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 10,3 милијарди денари како депозит (и дополнително ќе се отплатат 544 милиони денари структурни обврзници за денационализација). Моментот на акумулирање на депозити на сметка е особено битен, и укажува на водење на одговорна фискална политика, која гледа подалеку отколку само краткиот рок. Поточно, државата треба да биде подготвена за враќање на големите и скапи кредити кои беа земени претходно, а кои треба да се вратат во наредните години. Особено значајно е да се знае дека во 2020 и 2021 година ќе имаме за враќање околу 835 милиони евра само по основ на три големи претходни задолжувања (втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и остаток од еврообврзница од 180 милиони евра издадена во 2015 година), плус други отплати на долгови на домашен и странски пазар.

Почитувани пратеници,

Денеска на дневен ред во Собранието е Дополнетиот Предлог-Буџет за 2019 година, кој е еден од најзначајните акти за било која влада и држава. Затоа Ве повикувам одговорно и сериозно да пристапиме кон овој процес и да развиеме дискусија која ќе биде базирана на аргументи и меѓусебно почитување.

Ви благодарам за вниманието и Ви посакувам конструктивна дебата.