Твининг проект со Хрватска: Засилена внатрешна контрола во институциите

29 ноември 2018, Скопје - Македонските институции ќе учат од искуствата на европските како да ја унапредат внатрешната контрола. Денеска официјално започна твининг проектот „Понатамошно подобрување на системот на внатрешна контрола“, финансиран од Европската Унија, а кој го спроведува Министерството за финансии во соработка со Министерството за финансии на Република Хрватска.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, се прават реформи во управувањето со јавните финансии, кои ќе го подобрат квалитетот на менаџирањето, ќе ги зголемат транспарентноста и отчетноста, а истовремено ќе придонесат за успешно спроведување на преговорите за влез во ЕУ.

- Владата на Република Македонија е посветена на спроведување реформи во управувањето со јавните финансии, поради што ја донесе Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии, во чии рамки еден од приоритетите е Внатрешна контрола. Реформата во оваа област е дел од процесот на подготовка на нашата земја за успешно спроведување на преговорите за влез во ЕУ од поглавјето 3.32 Финансиска контрола. Дополнително, во завршна фаза е подготовката на документот „Политика за јавна внатрешна финансиска контрола 2019-2021“ кој е стратешки документ за понатамошен развој на системот за внатрешна контрола во јавниот сектор - рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Фрек Јанмат од Делегацијата на Европската Унија, рече дека твининг проектот ќе придонесе за подобрување на регулативата, развој на алатки за подобра контрола и внатрешна ревизија, подобрување на капацитетите на институциите на локално и на централно ниво, како и подобар надзор на Централната единица за хармонизација, која се наоѓа во Министерството за финансии.

Даниjела Степиќ, проектен лидер од Министерството за финансии на Хрватска, истакна дека една од придобивките на проектот ќе биде и финализирање на новиот Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, хармонизиран со европската регулатива.