Нов Закон за спречување перење пари: Јавните функционери под засилен надзор

26 јуни 2018, Скопје - Македонското Собрание денеска во скратена постапка го донесе Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со кој се предвидува надзор за носителите на јавни функции во Република Македонија. Тие во 2011 година беа исклучени од субјектите кон кои се преземаат засилени мерки за анализа.

Во досегашниот Закон, во оваа група спаѓаа само носителите на јавни функции од други држави.

Опсегот на субјектите кон кои се преземаат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање тероризам се редефинира. Во оваа група, покрај носителите на јавни функции во Македонија се додадени и следните категории: правни и физички лица кои даваат услуги за организирање и спроведување аукции, приредувачи на игри на среќа: лотариски игри на среќа, игри на среќа во обложувалница, игри на среќа во автомат-клуб и интернет игри на среќа.

Во новиот Закон по ЕУ стандарди:

  • се прецизираат и усогласуваат со 4-та ЕУ Директива одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување  регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар на РМ;
  • се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици. Со оваа промена сопственик на правно лице повеќе нема да може да биде друго правно лице (фирма). Ќе мора да има податоци за физичко лице, сопственик со најголем удел на сопственост во претпријатието;
  • се зајакнуваат капацитетите на субјектите, особено на финансиските институции за спроведување на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам;
  • се намалува износот на забраната за вршење готовински плаќања со цел да се намалат можностите за перење пари. Борбата против перењето пари и т.н. „сива економија“ е една од клучните насоки и барања од страна на Европската унија во нивните извештаи. Стопанските комори на Република Македонија исто така ја истакнаа загриженоста и потребата за намалување на ваквиот вид тргување со цел обезбедување фер можности за сите.
  • се воведува надлежност на Советот за борба против перење пари и финансирање тероризам да ги координира активностите за спроведување национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање тероризам и учествува во подготвувањето извештај за национална проценка на ризик од перење пари и финансирање тероризам кој потоа треба да биде усвоен од Владата на Република Македонија.

Потребен е квалитетен систем на мониторинг за спречување перење пари и финансирање тероризам. Со овој Закон ќе се зајакне и подобри работата на Управата за финансиско разузнавање и ќе се влијае врз намалување на сивата економија.
Законот денеска пред Собранието го образложи заменик-министерката Ширет Елези.