Ставрески: Проектот “Купи куќа за млади“ дава многу поголеми субвенции и поддршка за младите

Со пари од државата младите полесно ќе можат да дојдат до сопствен дом. Пресметките покажуваат дека заштедите од “Купи куќа за млади“, можат да достигнат и до 33.000 евра, вели во интервју за МРТВ, вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески. 

Што нуди овој проект и колкави се субвенциите?

Ставрески: Проектот “Купи куќа за млади“ е чекор напред во однос на проектот „Купи куќа купи стан“, бидејќи дава многу поголеми субвенции и многу поголема поддршка за младите луѓе до 35 години . За сите оние кои го немаат решено прашањето за сопствен дом и сакаат да купат куќа, или да изградат куќа, да надградат, да доградат, ова е одлична можност да добијат владини субвенции во текот на 11 години, ако го одберат првиот модел, при што првите осум години субвенцијата изнесува 80 проценти. Подоцна имаме уште три години во кои што субвенцијата е 50 проценти од месечната рата. Јас ќе дадам еден пример за да биде појасно:

Да речеме за помала куќа до 100 квадрати, потребен е кредит од околу 30.000 евра. За кредит од 30.000 евра од прилика доаѓа месечна рата којашто се движи околу 200 евра месечно. Тоа значи дека првите осум години, граѓанинот ќе плаќа само 20 отсто, односно 40 евра месечно, додека Владата ќе ги плаќа останатите 160 евра, односно до вкупната месечна рата од 200 евра. Потоа 9-тата, 10-тата и 11-тата година, 50 посто, односно 105 евра ќе плаќа граѓанинот, а 105 Владата. Тоа е огромна помош, бидејќи на тој начин ако се пресмета вкупно за 11-те години, доаѓа некаде околу 20.000 евра, вкупната поддршка од Владата, што ја добиваат лицата кои ќе земат кредит. За поголем кредит ратата е нешто повисока и соодветно на тоа повисоко е и владиното учество и затоа може да достигне и до 33.000 евра.

Вториот модел е ако граѓанинот нема пари – готовина, како учество за да добие кредит во банка. На почетокот се даваат тие пари, значи Владата во тој случај 100 процентно го обезбедува учеството. Повторно ако е кредитот 30.000 евра, од прилика банките бараат некаде околу 7.500 евра да имаш сопствени средства како учество. И тие 7.5000 евра ги дава Владата во овој случај. Ако е поголем кредитот, на пример од 50.000 евра, тогаш 12.500 евра дава Владата, како учество на почетокот кога треба да се добие кредитот. Тоа е поддршката што ја обезбедуваме, значи една одлична можност за оние кои сакаат да дојдат до сопствена куќа.

Кој може да аплицира и како ќе оди постапката за аплицирање, споменавте млади до 35 години, но да објасниме дали може да бидат поединци или брачни другари?

Ставрески: Значи овој проект е наменет за младите лица којшто имаат до триесетипет години било да е поединец било да е во брачен статус, можат да аплицираат и поединци и лица што се во брачен статус, ако се во брачна заедница едниот од двајцата треба да е помал од триесетипет години, вториот услов е платата да биде помала од 900 евра ако е едно лице, односно да е помала од вкупно 1300 евра месечно ако се две лица во заедница,тоа значи во првиот случај кога станува збор за поединец помала од 900 евра,значи и со 800, 700, 600 и со 500 евра плата, може да се аплицира и да се добијат субвенции и да се дојде до сопствена куќа, се разбира сразмерно на тоа банките ќе определат колкав кредит може да се добие се разбира во зависнот од висината на платата.Кога станува збор за брачна заедница до 1300 евра ,значи 1200, 1000, 800, 600, 500 евра, сите повторно влегуваат во можноста односно конкуренција да добијат средства од овој проект на Владата на Република Македонија.Услов е исто така да нема лицето сопствена куќа на сопствено име,или ако има да ја продаде за поголема да направи, исто е дозволено да направат доградби и надградби на постоечки двор и куќа каде што живееат например со родителите и во тој случај треба родителот да се откаже од правото на градба,односно да го добие правото синот или ќерката кој ќе земат кредит, и дозволуваме истотака и идеален дел ако имаат наследено помал од 50% тогаш исто така можат да се корисници на оваа субвенција.

Дали покрај овој проект за млади продолжува и проектот Купи куќа купи стан?

Ставрески: Купи куќа купи стан, продолжува бидејќи даде одлични резултати,преку 730 лица веќе стекнаа сопствен дом со тој проект, над 21 , 22 милиони евра, стамбени кредити се одобрени со субвенции од околу 5 милиони евра што ги обезбедивме од Владата за тој проект, и тој проект и понатаму ќе биде на располагање на сите лица без ограничување на возраста кој продолжува и понатаму да функционира,а за сите информации ги повикувам сите млади и сите останати лица кој сакаат да аплицираат ,во Министерството за финасии ќе имаме канцеларија којашто на дневна основа ќе ги прима граѓаните и ќе им дава информации, поточно од среда следната недела и граѓаните ќе можат да се информираат за сите детали, бидејќи секој случај е поединечен и се со цел да им помогнеме да дојдат до сопствен дом.