Нов владин проект „Купи куќа за млади“ - субвенции за куќа за лица до 35 години

Скопје, 17 декември 2015 (МИА) - „Купи куќа за млади“ е новиот проект на Владата со цел обезбедување поддршка за нова куќа  на лица до 35 години, без оглед на брачниот статус, како и за зголемување на наталитетот, преку можностa за избор на два модела за субвенционирање, информира денес на прес-конференција во Владата Премиерот Никола Груевски.

Со првиот модел, како што рече, за кредит до 20 години  и максимален износ до 50 илјади евра државата  ќе ја субвенционира месечната рата 11 години, и тоа во првите осум години 80 проценти од нејзиниот износ, а во останатите три години 50 проценти. Со вториот модел целосно се субвенционира учеството за кредитот зависно од износот што ќе биде земен.
Условите за добивање субвенција од државата преку проектот се генерално исти како за проектот „Купи куќа, купи стан“, освен првичниот критериум за возраста на лицето што ќе го земе кредитот, најмногу до 35 години. Воедно, барателот на субвенцијата, без оглед на брачниот статус, не треба да има живеалиште на свое име ниту пак да има подигнато кредит. Ако корисникот е поединец, за да користи субвенција треба да е на возраст до 35 години и да има месечни примања до 900 евра, а ако станува збор за сопружници, тогаш барем едниот од нив треба да биде на возраст до 35 години и вкупниот приход да им биде до 1.300 евра. Проектот се однесува само за стекнување нови невселени куќи изградени од градежни компании, како и за изградба на сопствена куќа на свое земјиште или пак надградба и доградба.

Позитивни ефекти од примената на овој проект Груевски очекува и кај градежните компании што градат нови куќи, како и кај фирмите за производство на градежни материјали и фирмите за внатрешно и надворешно уредување. - На овој начин ставаме фокус и на дополнителна поддршка на градежништвото и на градежните компании во Македонија, што ќе придонесе за нивна поголема профитабилност и за отворање нови работни места во градежниот сектор, рече Груевски.

Во случај младите да го одберат првиот модел, појасни Премиерот, за рата од 200 евра во која влегуваат и главнината и каматата, Владата ќе плаќа 160 евра, а корисникот на кредитот 40 евра во првите осум години од отплатата на кредитот, а во наредните три години субвенцијата месечно ќе изнесува 100 евра, а исто толкав ќе биде и износот што треба да го плати кредитобарателот.

- Корисниците на проектот може да земат кредит и повисок од 50 илјади евра, но  субвенцијата ќе го опфати делот на кредитот до овој износ. Апроксимативните проценки покажуваат дека за кредит од 50.000 евра корисниците ќе добијат субвенција до 30 илјади евра, ако пак кредитот е до 40 илјади евра тогаш субвенцијата е 28 илјади евра, а за кредит од 30 илјади евра поддршката ќе изнесува 20 илјади евра, рече Груевски. Каматните стапки остануваат исти како и досега, 3,95 отсто во првите три години, а 4,44 проценти во четвртата и петтата година, по што каматата ја одредува банката, но не смее да биде повисока од каматните стапки за останатите кредити за стан или куќа.

Младите што ќе го одберат, пак, моделот наречен „учество“,  ќе добијат 100 процентна субвенција на учеството за кредитот, односно максимум до 12.500 евра ако го користат максималниот износ за субвенционирање кредит до 50.000 евра. Позитивно во овој модел, како што рече Груевски, е што каматната стапка е фиксна цело време при отплатата на кредитот и ќе изнесува 4,5 проценти плус месечен еурибор. За кредит, пак, до 40 илјади евра Владата на корисникот ќе му исплати 10 илјади евра за учество, а за 30 илјади евра субвенционираното учество ќе изнесува 7.500 евра.

- Сите светски студии за наталитетот покажуваат дека брачните двојки кои живеат во куќи многу почесто се определуваат за повеќе деца отколку оние кои живеат во стан. Проектот има цел да им помогне на голем број млади да дојдат до сопствена куќа, а индиректно, среднорочно и долгорочно да се влијае на зголемување на наталитетот, рече Груевски.

Во соработка со градоначалниците и општините, Владата ќе овозможи дополнителен број парцели за изградба на куќи.  На општините кои ќе изработат и спроведуваат детални урбанистички планови со кои се предвидуваат парцели за изградба на најмалку 100 куќи Владата ќе им помогне со плаќање дел од комуналиите во сразмер што дополнително ќе биде договорен со ЗЕЛС.

Преку проектот „Купи куќа купи стан“ во изминатите четири години со субвенции во износ од 4 милиони и 700 илјади евра, како што рече Груевски се помогна 728 семејства да го решат прашањето за стекнување сопствен дом, стан или куќа. Со овој проект, посочи, значително се намали цената на станбениот квадрат и на каматните стапки за корисниците на кредити за стан или куќа. Очекуваме проектот „Купи куќа за млади“ да даде уште поголем ефект и да помогне голем број семејства да се стекнат со нов дом, истакна тој.

Проектот, како што најави Груевски, ќе стартува најдоцна од февруари следната година, и претставува усовршување на тековниот „Купи куќа купи стан“, кој исто така ќе продолжи да се реализира и понатаму.

Одговарајќи на новинарски прашања со вицепремиерот Зоран Ставрески, тие истакнаа дека финансии за спроведување на проектот се предвидени со Буџетот за следната година и во зависност од потребите и интересот ќе се обезбеди и дополнителен износ со ребаланс.