Ставрески: Одобрени над 20 милиони евра субвенционирани станбени кредити

Речиси 600 семејства досега го решиле прашањето за сопствен дом преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Државата, преку овој проект, помогна со 3,5 милиони евра субвенции, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за Македонската радио телевизија.

Математиката е следна - ако еден граѓанин земе станбен кредит од 40 илјади евра, плаќа месечна рата од околу 250 евра - половина од оваа месечна рата преку проектот „Купи куќа, купи стан“ плаќа државата. Ако станува збор за куќа, поддршката од државата е поголема…

Од стартот на саемите за „Купи куќа, купи стан“ значително е зголемен бројот на одобрени станбени субвенционирани кредити од проектот. Колку станбени кредити се одобрени досега?

„Проектот „Купи куќа, купи стан“ фати добар залет. 593 семејства во Република Македонија го решија станбеното прашање, прашањето за сопствен дом со овој проект. За илустрација, со проектот банките досега имаат одобрено вкупно 20 милиони и 250 илјади евра станбени кредити, што се поддржани со над 3,5 милиони евра субвенции преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Значи, 20 милиони евра станбени кредити се одобрени на граѓаните со поддршка на проектот „Купи куќа, купи стан“, и тоа во сите градови низ Македонија. Нормално, во Скопје најмногу се одобрени во општините Кисела Вода и Аеродром, потоа доаѓаат и другите општини, но имаме и во внатрешноста на Македонија- на пример во Битола имаме 40 одобрени кредити, во Струмица- 31, во Куманово 30-тина итн. Низ цела Република Македонија граѓаните го препознаваат проектот и со негова помош го решаваат прашањето на сопствен дом.“

Помошта е многу важна на почетокот. Колку субвенции се доделени досега со овој проект?

„3,5 милиони евра се субвенциите кои се одобрени досега преку овој проект, но да дадам и еден пример за тоа што можат да добијат граѓаните поединечно - ако еден граѓанин сака да земе на пример 40 илјади евра кредит од банка за купување стан или за куќа, месечната рата за тој кредит од 40 илјади евра доаѓа некаде околу 240-250 евра. Половина од таа сума, што значи 120-125 евра, покрива граѓанинот, додека половина покрива државата, во првите пет години. Ако станува збор за куќа, уште повеќе покрива државата, некаде околу 180 евра, а 60-70 евра плаќа граѓанинот. Тоа покажува дека проектот е добар токму во оној првичен период, кога е најтешко, кога луѓето собираат од секаде пари за да ја стокмат ратата, а Владата со овој проект помага тие да можат да ги пребродат овие првични години. Потоа, се разбира, низ животот и кариерата се подобрува приходот, па на граѓаните ќе им биде полесно да го плаќаат кредитот.“

Какви се плановите, дали може да се очекуваат нови саеми за проектот „Купи куќа, купи стан“?

„Се покажа дека саемите се вистински погодок. Откога го организиравме саемот во „Сити мол“, па во „Рамстор“ преку директни средби, граѓаните многу подобро се информираат за можностите што ги нуди проектот. Преку 250 барања и кредити се одобрени од октомври 2014-та година па наваму, од првиот саем и преку караванот „Купи куќа, купи стан“ што организираше средби со граѓаните низ Република Македонија. Токму затоа, ние планираме по летните месеци, на почеток на септември да продолжиме со караванот „Купи куќа, купи стан“, со организирање средби меѓу градежните компании, банките, Министерството за финансии и граѓаните низ цела Република Македонија. Во меѓувреме, секако останува отворена канцеларијата во Министерството за финансии, каде секој ден граѓаните кои се заинтересирани за овој проект може да дојдат во Министерството за финансии и на лице место со стручните лица од МФ да ги добијат сите потребни информации и да се решат да земат кредит и да го решат прашањето на сопствен дом.“