Oдбележан денот на осигурувањето - осигурителниот пазар во постојан тренд на раст

Скопје, 1 ноември 2012 (МИА) - Осигурителниот пазар последните три години го карактеризира постојан раст. Во вториот квартал од оваа година склучени се 455.925 договори што е за пет

проценти повеќе од овој период претходната година, бројот на договори за осигурување живот бележат раст од 33 проценти, а вкупната бруто пласирана премија има раст од 2,5 проценти.

 

Ова беше истакнато на денешното одбележување на Денот на осигурување - 1 Ноември организирано од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

 

- Здравиот финансиски систем е услов за ефикасна алокација на ресурсите и трајна доверба во финансиските институции. Токму затоа во Република Македонија континуирано се вложуваат напори за јакнење на финансискиот систем преку обезбедување подобра регулатива, прудентна супервизија и ефикасна заштита на потрошувачите, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на одбележувањето на Денот на осигурувањето.

 

Министерот смета дека за одбележување е фактот дека минатата година, покрај проблемите со должничката криза, на македонскиот пазар почнаа со работа две осигурителни друштва, чии мајки компании имаат седиште во еврозоната. Според него, ова се должи на здравите макроекономски политики, добро дизајнираната регулатива и ефикасната супервизија.

 

- Во претстојниот период реално е да очекуваме растот на осигурителниот сектор да се засили. Ова пред се како резултат на новите законски решенија во делот на пензиското и здравственото осигурување. Имено со новиот Закон за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурувње, дадена е можност друштвата за осигурување да вршат исплата на антуитети на корисниците на пензии, истакна министерот Ставрески.

 

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување Климе Попоски истакна во услови на актуелната должничка криза Македонија ја сврстува како еден од најдинамичните пазари во регионот, наспроти тоа што најголем дел од половина од земјите од ЈИЕ остваруваат негативни стапки на раст на пазарот на осигурување.

 

- Осигурителниот пазар во Македонија е стабилен со умерена концентрација која овозможува дејствување на пазарните механизми и висок степен на исполнување на минималните барања, рече Попоски и додаде дека во перидот што следи како најголем предизвик на агенцијата ќе претставува новата агенда за заштита на потрошувачите.

 

Претседателот на Здружението на осигурување при Стопанската комора на Македонија и главен извршен директор на Триглав Осигурување Трајче Латиновски истакна дека осигурителната фела очекува со одредени мерки и активности и нова соодветна легислатива од владините институции кои како и досега и во наредниот период да преземаат со цел побрз развој на се уште недоволно развиениот пазар и заземање позначајна позиција во финансискиот пазар на Македонија. На осигурителниот пазар во Македонија работат 15 осигурителни компании, 21 осигурително брокерско друштво, осум друштва за застапување во осигурување, 694 лиценцирани застапици, 239 лиценцирани брокери.

 

Осигурителната индустрија репродуцира годишна премија од околу 6,5 милијарди денари и вработува 1500 вработени. По повод Денот на осигурувањето, беше доделена награда на млад истражувач и отворена е изложба која ја отсликува историјата на осигурувањето на Македонија.