Министерот Ставрески ги додели одлуките за првите субвенционирани кредити од „Купи куќа, купи стан“

Скопје, 11 мај 2012 (МИА) – Доделени се првите субвенционирани кредити од Владата на Република Македонија од проектот „Купи куќа, купи стан“. Одлуките на 50-те добитници на кредитите ги врачи

денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

Вредноста на доделените кредити, како што рече министерот, е 1.447.614 евра, од кои одобрените субвенции се 271.239 евра. Субвенцијата за моделот половина рата е 242.948 евра, додека за вториот модел за половина учество субвенциите изнесуваат 28.291 евра.

 

Од доделените кредити 38 се за купување нов стан, пет за изградба на нова куќа, три за поголем стан и четири за надградба на куќа. Триесет од кредитите се доделени во Скопје, од кои по 11 во Аеродром и Кисела Вода, шест во Ѓорче Петров и по еден кредит во Гази Баба и Карпош. Во Битола се доделени седум кредити, по два во Струмица, Кочани, Македонски Брод и Куманово и по еден во Кавадарци, Демир Хисар, Кичево, Тетово и Штип.

 

Според министерот, доделените кредити ќе бидат позитивен пример и сигнал и за другите граѓани кои го немаат решено станбеното прашање.

 

- Ние сме задоволни од почетокот на реализацијата на проектот. Бидејќи проектот почна во текот на зимските услови, во едни околности кога граѓаните се уште немаа доволно информации и прибрани документи. Се наоѓаме на самиот почеток на проектот. Ова е долгорочен проект кој ќе трае четири години за кој имаме респонзивност од осум македонски банки, но и од општините и градежниот сектор, рече Ставрески при доделувањето на одлуките и додаде дека Проектот ќе продолжи во наредните години.

 

Тој истакна дека со општините се договорени локации за изградба на индивидуални куќи и станбени објекти во Прилеп, Илинден, Гази Баба, Аеродром и други општини во земјава.

 

Добитниците на кредитите изразија благодарност до Владата за проектот и можноста да го решат своето станбено прашање. Весна Атанасовска, самохрана мајка од Скопје, вели дека со ова го решава нејзиното станбено прашање по 17 години живот под кирија. Со кредитот ќе купи стан во Ѓорче Петров. - Аплицирав за стан кој се наоѓа во општина Ѓорче Петров. Голема благодарност до Владата за овој проект. За неполн месец ги завршивме сите процедури, рече Атанасовска вработена во Централниот регистар, која доби кредит во вредност од 30.000 евра на 20 години.

 

Благодарност изрази и Иванка Димитрова која доби кредит за стан од 40 метри квадратни во населбата Бутел. - Многу им благодарам на ВМРО-ДПМНЕ затоа што се што ветија исполнија. За три месеци кој не е долг период ги подготвивме сите документи и го добивме кредитот, рече таа.

 

Можноста за апликација за проектот „Купи куќа, купи стан“ е до 31 мај. Барањата може да се поднесуваат до НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка - Скопје, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка, ТТК банка и Стопанска банка - Битола. Услов за учество во проектот е барателите на кредитот да немаат примања поголеми од 900 евра месечно, цената на недвижноста да не биде над 900 евра метар квадратен, а кредитот да не надминува 50.000 евра.

 

- Граѓаните може да изберат меѓу двата модела. Првиот е половина рата и тој дава шанса Владата пет години да отплаќа половина од месечната рата од станбениот кредит на граѓаните. Всушност сите оние коишто отплаќаат кредити знаат дека најтешко е на почетокот и токму затоа го понудивме овој модел. Вториот модел е половина учество, Владата ќе плаќа половина од учеството за да се добие станбен кредит. И кај двата модели каматната стапка е повластена, односно значително помала од пазарната. Во случајот на моделот половина рата каматната стапка што ја договоривме со банките ќе биде 4,99 проценти во првите три години, односно 5,5 проценти во четвртата и петтата година. Кај вториот модел каматната стапка е еуролибор плус 4,5 проценти и таа ќе биде за цело време на проектот, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.