| Вести на Министерството за финансии |
|---|
| [ Архива/Пребарување ] | |
ВЕСТ Предлог-буџетот за 2009 доставен во Собранието - објавено на 13-11-2008, 17:23 | Кабинет |
|---|---|
| Скопје, 13 ноември (МИА) - Mинистерот за финансии Трајко Славески денеска официјално му го предаде Предлог-буџетот за 2009 година на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Ваквиот формален начин на предавање на буџетот во законодавниот дом се прави по втор пат, со намера, како што беше истакнато, да продолжи традицијата воспоставена минатата година. Министерот за финансии Трајко Славески на предавањето на Предлог-буџетот, на кој е работено во изминатите 7-8 месеци, истакна дека е доставен во законски утврдениот рок, 15 ноември, што, според претседателот на Собранието Трајко Вељаноски остава доволно време пратениците да му посветат повеќе внимание, бидејќи, како што рече, станува збор за клучен документ од кој зависи економијата во Македонија. Буџетот за 2009 година според предлогот изнесува 164 милијарди и 215 милиони денари. Приходите се планирани на 153 милијарди и 215 милиони денари, а буџетскиот дефицит е на ниво од 2,8 отсто во однос на планираниот БДП. Повеќе средства догодина се предвидени за капитални инвестиции во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, образованието, културата, информатичкото општество, а рестриктивно трошење е предвидено кај ставките што се непродуктивни, како што е за стоки и услуги. За капиталните инвестиции, како што рече министерот Славески, се одвоени 500 милиони евра, кои влегуваат и во дефицитот и го зголемуваат за еден процентен поен. Тој очекува да се остварат капиталните инвестиции идната година и истакна дека зголемените инвестиции во инфраструктурата во услови на финансиска криза се за да се одговори на рецесиските притисоци во економијата. Предвидени се 4,2 милијарди денари за исплата на субвенции на земјоделските производители, 20 милиони евра дополнителни средства за изградба на повеќе патни правци во државата, експропријациски активности на коридорите 8 и 10, за изградба на магистрални патишта - 10 милиони евра, за изградба на железничката пруга од Коридорот 8 - 10 милиони евра, за образованието 18,2 милиони евра. За изборите се планирани 400 милиони денари, а уште 400 милиони денари за затворање на долговите на јавните здравствени организации. Во вкупните приходи најголемиот дел 59 проценти се планирани од даночните приходи кои пак се предвидени на повисоко ниво од 9,3 проценти. Проектираниот дефицит ќе се финансира со странско задолжување, како што се кредити од Светска банка, домашно задолжување преку издавање државни хартии од вредност и други форми на задолжување. Одговарајќи на новинарско прашање министерот Славески рече дека јавната потрошувашка следната година, како и оваа ќе зафати 39,5 проценти од БДП. Рафиз Алити од ДУИ изрази задоволство од распределбата на средствата за спроведување на Охридскиот договор и правичната застапеност, како и од средствата предвидени за општините. Марјанчо Николовски од СДСМ истакна дека денеска до Собранието е доставен најобемниот буџет во историјата на Репбулика Македонија. - Со оглед на економската криза и најавите за нејзино продлабочување сметаме дека ваквиот буџет не соодветствува на економската состојба и изразуваме сомневање во неговата реализација, изјави Николовски. Според него, очигледна е тенденцијата Владата да станува што побогата, а граѓаните посиромашни. Еден примерок од Предлог-буџетот за 2009 година, министерот за финансии Трајко Славески денеска и предаде и на опозициската СДСМ, а текстот е достапен и на интернет страницата на Министерството за финансии. Во врска со некои најави за затегање на монетарната политика од централната банка, министерот Славески истакна дека дека НБРМ треба да ги следи состојбите во македонската економија и доколку самите банки го намалуваат кредитирањето и има забавување на кредитниот раст, значи дека нема причини Народната банка административно го ограничи растот на кредитете и да ја зголеми каматната стапка. - Тоа е прашање за НБРМ. Сепак, сметам дека се сосема легитимни залагањата на НБРМ за одржување на надворешно-трговската и платно-билансна рамнотежа во Република Македонија, што е во интерес и на Владата, изјави Славески.скс/са/14:49 | |
| [ 0 Коментари ] | |
ВЕСТ Утврден Предлог-буџетот за 2009 година - објавено на 07-11-2008, 15:44 | Кабинет |
|---|---|
| Скопје, 7 ноември (МИА) - Владата на Република Македонија го утврди Предлог-буџетот за 2009 година со кој расходите се планирани на 164 милијарди и 215 милиони денари, приходите на 153 милијарди и 215 милиони денари, а буџетскиот дефицит е на ниво од 2,8 отсто во однос на планираниот БДП.
Министерот за финансии Трајко Славески на прес-конференција во Владата, истакна дека фискалната политика следната година е креирана во насока на продолжување на рестриктивната буџетска потрошувачка изразена преку драстично намалување на непродуктивните расходи, за сметка на интензивиање на продуктивни инвестирања во проекти од стратешко значење за државата, како единствен начин во справувањето со можните последици од глобалната економска криза и рецесија. - Буџетот за 2009 година е рестриктивен кај некои ставки што се непродуктивни, како што е за стоки и услуги, и на сметка на тоа се зголемуваат капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, образованието, културата, информатичкото општество, рече министерот Славески. Во вкупните приходи најголемиот дел 59 проценти се планирани од даночните приходи кои пак се предвидени на повисоко ниво од 9,3 проценти. - Ова се темели на успешното спроведување на даночната реформа и позитивните ефекти од примената на рамниот данок, рече министерот за финансии кој додаде дека тоа ја поттикнало Владата во напорите за натамошно растоварување на економијата и спроведување на сеопфатна реформа во системот на финансирање на социјалното осигурување и персоналниот данок на доход. Според Славески, со реформите во социјалната сфера се очекува стапката на невработеност следната година да изнесува 31,5 отсто. За проекциите на останатите макроекономски индикатори, рече дека се очекува да продолжи започнатиот тренд на остварување на високи стапки на економски раст при што реалниот БДП се очекува да оствари пораст од 5,5 отсто, додека инфлацијата се очекува да биде 3,5 отсто на годишно ниво. Од буџетот за следната година, како што информира Славески, се предвидени 4,2 милијарди денари за исплата на субвенции на земјоделските производители и нивната подгововка за искористување на претпристапните ИПА фондови, 30 милијареди денари за капитални расходи, 20 милиони евра дополнителни средства за изградба на повеќе патни правци во државата, за експропријациски активности на коридорите 8 и 10. За изгардба на магистралните патишта обезбедени се 10 милиони евра, како и 7,5 милиони евра за подготовка на проекти и физибилити студија, 10 милиони евра за изградба на железничката пруга од Коридорот 8, три милиони евра за одржување на постојната железничка инфраструктура, како и средства за субвенционирање на нерентабилниот патнички сообраќај од јавен интерес во износ од два милиона евра. Во областа на образованието се планирани средства од 18,2 милиони евра за реконструкција, санација и изградба на основните и средни учуилишта, изградба на училишни сали, капитални инвестиции за опремување и изградба на постојните и новите факултети. За инвестиции во водоводните и канализациските системи се планирани 1,5 милиони евра, за довршување на северната трибина на Градскиот стадион во Скопје два милиона евра, 15 милиони евра за почнување на изградбата на источната и западната трибина и седум милиони евра за изградба на социјални станови. Во областа на животната средина обезбедени се пет милиони евра за изградба на каскадните прегради на реката Вардар и за набавка на опрема за согорување на медицински отпад. За имплементација на проектите компјутер за секое дете, документ менаџмент систем, електронско поврзување на регистри меѓу институциите, како и инсталирање на систем за авторизација на јавната администрација, електронска здравствена картичка и електронско поврзување на системите на јавните здравствени установи, се планирани 28,3 милиони евра. Во буџетот е предвидени за 9 проценти поголем износ за редовна и навремена исплата на пензиите, надоместоците за материјално обезбедување на невработените лица и другите социјални надоместоци. Расходите за стоки и услгуи за следната година се зголемени за пет проценти во однос на оваа година, при што, како што рече министерот Славески, на минимум се сведени непродуктивните трошења поврзани со патувања, договорни услуги и репрезенација, а зголемување има кај расходите за реформите во образованието, односно за набавка на бесплатни учебници за што се предвидени една милијарда денари, потоа на средствата за бесплатен превоз во средното образование и подготовка на стандардизирани тестови, зголемени расходи во здравството за задолжителни здравствени програми, средствата за избори, како и тендерски процедури за имплементација на стратешките проекти. Во 2009 година има планирано зголемување на средствата за исплата на плати и надоместоци во износ од околу 8 проценти во што е вклучено зголемувањето на платите на државната администрација за 10 проценти и потребното доекипирање поврзано со евроатлантските интеграциски процеци на Македонија. Проектираниот дефицит, како што образложи министерот Славески, ќе се финансира со странско задолжување, како што се кредити од Светска банка, домашно задолжување преку издавање државни хартии од вредност и други форми на задолжување, а се разгледува и можноста за издавање еврообврзница, доколку се процени дека тоа го прифаќа пазарот. Тој појасни дека тука се и некои проекти што влегуваат во буџетот и отсега се планирани да се финансираат со странски кредитити. -Од една страна заради финансирање на тие проекти креирате поголем буџетски дефицит, но најголемиот дел од нив ќе се покриваат истовремено со задолжување, како што е веќе потпишаниот заем од 70 милиони евра со Свестска банка и претстојните заеми за водоводни и канализациски системи, додаде министерот за финансии Трајко Славески. Одговорајќи на новинарско прашање во врска со реализацијата на капиталните инвестиции, министерот Славески рече дека следната година ќе биде многу поуспешна од оваа и оти Владата треба да преземе поригорозни мерки за оние што нема да ги спроведат. Предлог буџетот за 2009 што Владата го усвои на денешната седница ќе биде доставен до Собранието на Република Македонија.скс/са/14:36 | |
| [ 0 Коментари ] | |
ВЕСТ Собранието го донесе Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување - објавено на 05-11-2008, 18:36 | Кабинет |
|---|---|
| Скопје, 5 ноември (МИА) - Собранието на Република Македонија со 56 гласа „за“ и 10 „воздржани“, попладнево, во рамки на 28-та седница, го донесе Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Во текот на расправата по предлог текстот, пратениците разгледаа повеќе амандмани поднесени од СДСМ. Од нив, како и од амандманите по кои се дискутираше во претпладневниот дел на седницата, министерот за финансии Трајко Славески прифати четири со што тие станаа составен дел на Законот. Образложувајќи го Законот, Славески истакна дека со неговото донесување обврските за плаќање придонеси, односно финансирањето на системите на социјално осигурување ќе се регулираат со единствено решение, а тоа ќе обезбеди поедноставување и транспарентност на системот. Законот, подготвен во консулатции со социјалните партнери - работодавачите и синдикатите, ќе обезбеди, напомена Славески, унифицирање на поимите, уредување на обврските за плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување, дефинирање на стапките и основиците на придонесите на едно место. Со него е направено и намалување и усогласување на минималната основица за плаќање придонеси од 65 на 50 проценти од просечно исплатена бруто плата по работник во земјава. - Намалувањето на минималната основица е значајно за намалување на платниот јаз кај ниските нивоа на плати, односно ниските нивоа на образование и квалификации, каде е највисока невработеноста и сивата економија, рече Славески. Во Законот се предвидува и воведување концепт на бруто плата. Осигуреникот се дефинира како обврзник за плаќање на придонесите, а работодавачот ќе ги уплатува придонесите во име и за сметка на работникот. Платените придонеси ќе бидат прикажани на заверената писмена пресметка на платата. Работниците ќе имаат целосен увид во тоа дали е исполнета нивната обврска и ќе имаат поголем интерес да вршат притисок врз работодавачот да ги уплатува придонеситево нивно име. Законот предвидува казни од 500 до 1.000 евра за работниците кои нема да ги пријават работодавачите доколку овие не го платиле осигурувањето. Глобата за работодавачот, пак, изнесува од 2.000 до 3.000 евра. вј/мч/17:56 | |
| [ 0 Коментари ] | |
ВЕСТ Собранието расправа за Предлог законот за придонеси од задолжително социјално осигурување - објавено на 05-11-2008, 13:54 | Кабинет |
|---|---|
| Скопје, 5 ноември (МИА) - Собранието на Република Македонија на денешното продолжение на 28-та седница ја заврши расправата за Предлог законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и ја започна амандманската расправа по предлог текстот на законот.
Претходно Радмила Шекеринска од СДСМ рече дека воведувањето на овој закон не треба да се направи само на грбот на најсиромашните слоеви со најмали примања, туку дека треба сите да го понесат. - Се работи за закон кој се однесува на придонесите кои секој месец се одбиваат од платата на граѓаните на Македонија. Добро е што со еден закон се регулира начинот на плаќање придонеси, а не како досега со повеќе различни закони, рече Шекеринска, нагласувајќи дека со него се воведува системот на бруто плата. Таа истакна дека со воведувањето на системот на бруто плата не се знае дали во платата ќе бидат вкалкулирани надоместоците за превоз и храна и дали и за нив ќе се плаќаат придонесите. - Не е јасно дали со новиот закон ќе се стимулира работодавачот да ги исплаќа храната и превозот во бруто платата или не. Тоа може да се реши ако со закон се пропише која ќе биде најниската плата што може да се исплати во Македонија. Кога државата вели без разлика колкава плата примате работодавачот мора да плати придонеси за износ од 7.500 денари, може да го ограничиме тој да мора да исплати и плата за тој износ, рече Шекеринска. Таа истакна дека вработените со воведувањето на бруто платата дома ќе носат помалку пари од порано. - Доколку за некој работник досега се одвојувале 23.000 денари за плата од кои работникот дома носел 15.800 сега ќе носи за 300 до 400 денари помалку, рече Шекеринска. Нејзиниот сопартиец Марјанчо Николов, исто така, смета дека со воведувањето на новиот концепт на бруто плата на некој начин ќе се намалат правата на вработените бидејќи, како што кажа, тие ќе примаат помала плата и ќе им се намалат придонесите што им се плаќаат, што ќе значи и помали пензии во иднина. - Овој закон нема да придонесе да се зголеми вработувањето во Македонија иако на работодавачите ќе им остануваат по 600 денари по вработен повеќе, рече Николов. Тој посочи дека УЈП, која ќе биде задолжена за интегрирано наплаќање на придонесите, не е подготвена и затоа законот, како што кажа, нема да може да профункционира во предвидениот рок - 1 јануари 2009 година. Николов се сомнева дека работодавачите ќе ги вклучат придонесите за храна и превоз во бруто платата. Министерот за финансии Трајко Славески посочи дека трошоците за храна и превоз не може со закон да се вкалкулираат во бруто платата бидејќи, како што кажа, Законот за работни односи остава можност работодавачот да нуди организиран превоз и топол оброк наместо надоместок за храна и превоз. Тој истакна дека законското решение се носи за да се растоварат лицата со пониски плати. Тие, како што кажа, ќе имаат добивка со новиот систем на плаќање придонеси. Аднан Јашари од ДУИ истакна дека ваков закон, со кој се уредуваат сите придонеси од социјалното осигурување, е веќе донесен во Чешка и Полска и оти кај нас доцни неговото донесување. - Го поздравувам донесувањето на ваков закон кој опфаќа многу новини во себе. Во него се прави јасна дистинкција меѓу обврзувачи и плаќачи, рече Јашари. Неговата сопартијка Јулиета Марку рече дека овој закон овозможува транспарентен систем преку кој различните субјекти ќе ги добијат релевантните информации дали им се платени придонесите. Јани Макрадули од СДСМ посочи дека и во моментов во Македонија постои обврска работодавачот да ги плати придонесите, па потоа да исплати плата, како што ќе биде и по 1 јануари 2009 година, бидејќи и сега и тогаш обврзник за плаќање на обврските е работодавачот. Според него, подобро е работникот наместо работодавачот да ја обврзи банката од каде ја подига платата да му ги плаќа обврските за социјално осигурување. Цветанка Иванова од истата партија смета дека овој законски проект требало да биде донесен во две фази за да има поголема дебата за него и да се разрешат некои прашања за кои постојат дилеми. - Одредбите од овој закон се недоволно прецизни и јасни и секој може да ги толкува како што сака, рече Иванова, посочувајќи дека СДСМ е за концептот за бруто плата и интегрирано наплаќање на придонесите, но оти во законското решение има бројни отворени и недефинирани прашања. Таа истакна дека треба да се дефинира што е бруто, а што нето плата и дали хранарината и превозот влегуваат во бруто платата и колкава е нивната вредност. вј/паг/13:16 | |
| [ 0 Коментари ] | |
ВЕСТ Славески: Владата ќе помогне, но главниот товар за надминување на кризата треба да е на компаниите - објавено на 24-10-2008, 18:11 | Кабинет |
|---|---|
| Скопје, 24 октомври (МИА) - Министерот за финансии Трајко Славески денеска изјави дека Владата е подготвена да помогне во пребродувањето на некои потешкотии предизвикани од глобалната економска криза со кои се соочуваат компаните, но оти главниот товар треба да го понесат самите компании.
- Ние сме подготвени во рамките на стандардни расположливи мерки колку што може да помогнеме во пребродување на некои тешкотии. Но, во овој период и на краток рок товарот од кризата или падот на цените треба да си го поднесат самите сопственици на компаниите затоа што Владата ги субвенционираше во време кога тие остваруваа екстра профити со ниски цени на електричната енергија. Сега, како подлога треба да ги имаат тие заработки од изминатиот период и да продолжат со производството, изјави Славески, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата. Што се однесува до штедните влогови, тој смета дека тие се сигурни и оти најголем показател за тоа е фактот што во моментот секој граѓанин може да си го подигне својот депозит во полн износ. Во врска со тезите изнесени на вчерашната трибина на СДСМ за мерките во врска со глобалната економска криза, министерот Славески оцени дека биле изнесени многу контрапродуктивни совети кои, како што рече, не одат во прилог на одговор на овој предизвик со кој се соочува РМ. - Владата е тим. Нејзин приоритет подолг период се економските прашања и проблеми, и не може предизвиците и шоковите кои доааѓат однадвор да бидат надвор од нашиот видокруг. Ова е централно место на Владата, особено на нејзиниот економски дел, рече министерот за финансии Трајко Славески. бак/са/16:30 | |
| [ 0 Коментари ] | |
| [ Архива/Пребарување ] | |
| |