Груевски: Мексиканските компании преку Македонија до европскиот и светскиот пазар

Мексико Сити, 30 април 2013 (МИА) - Бизнисмени од над 200 мексикански компании се запознаа со економските потенцијали на Македонија и поволностите што ги нуди на странските инвеститори на бизнис форум во Мексико Сити. Македонскиот владин економски тим, предводен од премиерот Никола Груевски, детално ги претстави условите за инвестирање пред компании од медицината, текстилната индустрија, енергетиката, информатиката, комуникациските технологии, хемиската индустрија, туризмот, градежништвото, сервисните услуги, производството и други економски гранки и области.

 

Бизнис форумот се одржа во соработка, со целосна логистичка поддршка и во коорганизација со компаниите Мекс Тел, Тел Сел и Американ Мобил, кои се дел од бизнис групацијата на најбогатиот човек на светот Карлос Слим. Македонскиот премиер ги наброја поволностите кои им се овозможуваат на странските инвеститори, најниските трошоци за правење бизнис во Европа, слободниот пристап до 650 милионски пазар на потрошувачи кој е овозможен со договорите за слободна трговија со сите земји од континентот Европа и услужната ориентираност на македонската Влада кон странските инвеститори.

 

Груевски истакна дека Владата е пријателски настроена кон компаниите и ги покани мексиканските бизнисмени да дојдат во Македонија и да се уверат во поволностите за инвестирање од искуствата на веќе присутните инвеститори. Првата проверка за олеснувањата за инвеститорите и поддршката од Владата, како што рече, може да се видат преку искуствата на „Џонсон контролс“, „Џонсон мети“, „Ванхол“, „Протек Груп“, „Технокозе“..., од кои некои веќе градат и свои втори фабрики во македонските индустриски зони.

 

- Ако дојдете во Македонија и разговарате на пример со претставници на „Џонсон контролс“, која што ја изради првата фабрика во 2007, а во моментов ја гради и втората, или „Џонсон мети“, која што ја изгради првата фабрика во 2008, а моментно ја гради и втората, или „Ванхол“, која што моментно гради фабрика за автобуси коишто ќе се извезуваат во САД и во Европа или „Дрекселмаер“, германски производител на автомобилски делови, или „Кромберг и Шуберт“, исто така германски производител на автомобилски делови, или „Протек груп“, најголемата фармацевтска компанија од Русија, „Технохозе“ од Италија.... ќе видите дека се она што го кажав е навистина така. Тие отворено го кажуваат тоа на многу инвеститори кои доаѓаат во земјата и кои сакаат да направат проверки, а првата проверка ја прават со оние коишто веќе инвестирале во Македонија, рече Груевски. Според него, Македонија бележи постојан напредок на листите за вреднување на деловната клима на Светската Банка, Форбс, Прајсвотерхаус...., што, истакна, е најдобар доказ и гаранција дека реформите кои се спроведуваат ги даваат своите резултати.

 

Позитивна оценка за реформите кои ги спроведува македонската Влада за подобрување на бизнис опкружувањето и реализација на инвестициите изнесе Карлос Слим Јуниор, извршен директор на бизнис групацијата на Карлос Слим.

 

Тој го истакна активниот пристап на неговата компанија за лобирањето кај мексиканските компании да ја разгледаат можноста за инвестиции во Македонија. Посочи и дека неговата групација како и досега ќе продолжи со силна поддршка на промоција и реализација на интересите на нашата земја.

 

- Очекувам ваквите настани да ја засилат соработката помеѓу двете земји, двата народи и компаниите од двете земји, рече Карлос Слим Јуниор.

 

Џон Габриел Годар од Светската Банка, кој беше специјален гостин на бизнис форумот, исто така изнесе позитивна оценка за реформите кои се спроведуваат во Македонија и за доброто деловно опкружување.

 

- Македонија направи значителен исчекор на полето на регистрацијата на бизнис, на полето на оданочувањето и во други области, но и со најновите мерки за подобрување на ликвидноста и другите реформи кои ќе бидат вреднувани во најновиот извештај на Светската Банка, истакна Годар. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, пак, укажа на стабилното макроекономско опкружување и добрите економски индикатори во Македонија. Тоа, нагласи, овозможува соодветна гаранција за остварување на бизнис интересите на компаниите кои би инвестирале во Македонија.

 

Дел од владината делегација на економското претставување во Мексико се и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида. Тие на маргините на бизнис форумот, договорија конкретна соработка со претставници на мексиканската агенција за промоција на извозот Про Мексико.

 

Во идниот период, според договореното, треба да се воспостави продлабочена институционална соработка помеѓу двете национални агенции, во која што Про Мексико ќе овозможува комплетна логистичка поддршка на промоцијата на поволностите кои ги овозможува Република Македонија за отворање и развој на бизниси. Кај мексиканските компании ќе врши активно лобирање за инвестиции во Македонија, но и ќе ги промовира поволностите на Македонија и кон компании од трети земји.

 

Про Мексико треба да овозможува и давање сервисни податоци, информации и бази на податоци кон македонската Агенција за интересот на светските инвеститори, за движењата на светско ниво на полето на инвестициите, но и на ниво на макроекономски индикатори врз кои се врши антиципација и лоцирање на можностите за привлекување на инвестиции.

 

Двете агенции договорија и потпишување меморандум за соработка на полето на инвестициите.