Инструмент за претпристапна помош

 
Вовед за ИПА
 
Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е воспоставен од страна Советот на ЕУ со донесувањето на Регулативата (ЕЗ), бр.1085/2006 од 17 јули 2006 година, како единствен претпристапен инструмент за период од 2007-2013 година, чија основна цел е обезбедување на насочена помош на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Овој инструмент ги заменува и обединува во себе досегашните претпристапни инструменти: Phare, ISPA, SAPARD, CARDS и Инструментот за претпристапна помош на Турција.
Европската унија преку ИПА им пружа помош на земјите кандидати и потенцијални кандидати во нивното прогресивно усогласување со стандардите и политиките на Европската унија, како и со acquis communautaire, на патот за членство во ЕУ.
 
Инструментот за претпристапна помош (ИПА ) е сочинет од следниве 5 компоненти:
-Помош во период на транзиција и институционална надградба;
-Прекугранична соработка;
-Регионален развој;
-Развој на човечки ресурси;
-Рурален развој.
 
Република Македонија како земја кандидатка за членство во ЕУ има пристап кон сите ИПА компонети. Конкретно, Министерството за финансии може да користи средства од 1 компонента (Помош во период на транзиција и институционална надградба).
 
Одделението за ИПА при Министерството за финансии претставува дел од оперативната структура на системот за децентрализирано управување (ДИС) со фондовите од првата ИПА компонента - "Помош во период на транзиција и институционална надградба".
Одделението за ИПА врши координација на сите активности поврзани со проектите на Министерството за финансии кои се финансираат со средства од ИПА фондовитe.
Поконкретно, oдделението врши програмирање–планирање и подготовка на проектите на Министерството за финансии финансирани преку ИПА, техничка имплементација и следење на извршувањето на проектите, во согласност со правилата на ЕУ за децентрализирано управување со ИПА фондовите.
 
1. Проекти на Министерството за финансии финансирани од ИПА фондови
 
1.1 ИПА проекти 2007 година
 
Проектите во рамки на ИПА Оперативната програма за 2007 година за Компонента 1 - "Помош во период на транзиција и за институционална надградба" се управуваат на централизиран деконцентриран начин, од страна на Делегацијата на Европската Комисија во Република Македонија. Тоа значи дека за тенхичката имплементација на проектите, спроведувањето на тендерската постапка и склучувањето на договори, како и за следењето на проектите, одговорна ќе биде Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија.
Во рамки на ИПА 2007, Министерството за финансии планирано е да учествува во дел од Проектот за подршка на регулаторни тела и тела за супервизија.
Вкупниот износ на овој проектот е 2.000.000 Евра (исклучено ДДВ), од кои Министерството за финансии треба да искористи 500.000 Евра. Целиот износ на средствата за проектот се обезбедени од ИПА фондовите.
 
 
1.2. ИПА проекти 2008 година
 
Во рамки на Оперативната програма за ИПА 2008, Компонента 1 - "Помош во период на транзиција и институционална надградба", Министерството за финансии се јавува како корисник на следните проекти:
- Проект за подршка на процесот на децентрализација преку јакнење на капацитетите на полето на финансиски менаџмент и внатрешна финансика контрола, на локално и централно ниво. Проектот кој ќе се спроведува во Секторот за јавна внатрешна финансиска контрола при Министерството за финансии е фокусиран кон идно оспособување на капацитетите на централно и локално ниво на полето на финансискиот менаџмент, контрола и внатрешна ревизија, во согласност со ЕУ системот за јавна внатрешна финансиска контрола, со цел соодветна имплементација на процесот на децентрализација.
Вкупниот износ на проектот е 1.350.000 Евра (исклучено ДДВ), кои се во целост обезбедени од ИПА фондовите.
Активностите кои ќе се одвиваат во рамки на овој проект во однос на јакнењето на капацитетите на јавната внатрешна финансиска контрола (ЈВФК) на централно ниво, опфаќаат изградба на Стратегија за развој на јавната внатрешна финансиска контрола на централно и локално ниво, како и јакнење на административните институционални капацитети одговорни за финансиско управување и контрола на централно ниво.
Во однос на јакнењето на јавната внатрешна финансиска контрола на локално ниво, активностите во поглед на овој проект опфаќаат подигање на организациските капацитети за јавната внатрешна финансиска контрола преку координација на единиците на локално ниво.
Проектот ќе се спроведува преку твининг аранжман.
 
- Проект за јакнење на капацитетите на Бирото за јавни набавки
Овој проект е насочен кон јакнeње на капацитетите на Бирото за јавни набавки за контрола и советување, со цел обезбедување на ефикасен систем на јавни набавки, ефикасна употреба на буџетските средства и обезбедување на високо квалитетни јавни услуги на граѓаните, при висок степен на транспарентност и одговорност.
Вкупниот износ на проектот е 1.000.000 Евра (исклучено ДДВ) и истите се во целост обезбедени од ИПА фондовите.
Активности кои ќе се одвиваваат во рамки на овој проект се всушност идентификација на законите и прописите кои е потребно да се усогласат во правото на ЕУ, развој на структурата на е-набавките, утврдување на правилата и прописите за кои се потребни оперативни упатства, проценка на потребите за обуки, развој на планот за обуки и негова идна имплементација, со цел надградба на знаењето на кадарот на Бирото за јавни набавки итн.
Поддршката на Бирото за јавно набавки за реализација на проектот ќе се спроведува преку твининг.
 
Проектите од Оперативната програма за ИПА компонента 1 за 2008 година, исто како и за 2007 година, ќе се управуваат на централизиран деконцентриран начин, од страна на Делегацијата на Европската Комисија во Република Македонија.
 
 
1.3. ИПА проекти 2009 година
 
Во рамки на Оперативната програма за ИПА 2009, Компонента 1 - "Помош во период на транзиција и институционална надградба", Министерството за финансии се јавува како корисник на „Проектот за јакнење на капацитетите на Министерството за финансии-Сектор за макроекономска политика, за макроекономска анализа и формулирање на политики, со цел унапредување на процесот на креирање на политики и исполнување на критериумите за пристапување кон ЕУ“.
Целта на овој проект е подобрување на аналитичките капацитети на Министерството за финансии за дизајнирање на кохерентна макро-фискална рамка на среден и долг рок.
Вкупниот износ на проектот е 1.300.000 Евра (исклучено ДДВ), од кои од 1.217.500 Евра се обезбедени преку ИПА 2009, додека 82.500 Евра преку национално кофинансирање.
 
 
1.4. ИПА проекти 2010 година
 
Во рамки на Оперативната програма за ИПА 2010, Компонента 1 - "Помош во период на транзиција и институционална надградба", Министерството за финансии се јавува како корисник на „Проектот за натамошно усогласување со законодавството на ЕУ во областа на движење на капитал, плаќање и финансиски услуги-пазарот на хартии од вредност и инвестициони услуги“.
Целта на овој проект да се обезбеди подобро регулирање на операциите на сите учесници на пазарот на капитал, што воедно ќе придонесе кон поефикасно, правично и законито функционирање на пазарот на капитал, како и поуспешно вклучување на земјата во СЕПА.
Вкупниот износ на проектот е 1.300.000 Евра (исклучено ДДВ), од кои од 1.117.000 Евра се обезбедени преку ИПА 2010 додека 130.000 Евра преку национално кофинансирање.
Проектот ќе се имплементира преку договор за услуги.