Соработка со други агенции на ООН

Соработка со Програма за развој на Обединети Нации – UNDP

 

Програмата за развој на Oбединетите Нации - УНДП (www.undp.org) претставува дел од глобалната развојна мрежа на Обединетите нации, која се залага за промени и поврзување на земјите со знаења, искуство и ресурси, со цел да им се помогне на луѓето да изградат подобар живот. Таа е присутна во 166 земји низ светот, со кои работи на изнаоѓање на решенија за глобалните и националните предизвици.

Таа го надгледува остварувањето на Милениумските развојни цели, помагајќи им на земјите да изнајдат иновативни начини за вклучување на сите граѓани во економскиот, општествениот и граѓанскиот живот и изготвува документи за поддршка на политиките, како што е Националниот извештај за човечки развој.

Во Република Македонија УНДП е присутна од 1997 година (www.undp.org.mk). Таа во целост ја поддржува земјата во напорите да ги унапреди своите развојни стандарди и да ги исполни условите на ЕУ.

 

Моментално, UNDP ја поддржува Република Македонија во четири клучни области:

 

1. Децентрализација и добро управување: потпомагање на процесот на реформи на системот на локална самоуправа и зајакнување на општините;
2. Економски развој: промовирање на поволно деловно окружување, здрав и одржлив пораст на приватниот сектор, отворањето работни места и економска интеграција на маргинализираните заедници;
3. Превенција на кризи: поддршка на формулацијата на програми за итни ситуации, за да се помогне во изградбата на побезбедни заедници;
4. Животна средина: зајакнување на рамката на политики за управување со животната средина, со поддршка на практичните напори за подобра животна средина


Областите на поддршка се идентификувани преку стратешко преиспитување на улогите на ОН и УНДП во однос на брзиот напредок на Република Македонија во остварувањето на развојните приоритети – пристапувањето кон ЕУ и остварувањето на Милениумските развојни цели. Наведените области претставуваат основа на активностите на УНДП во земјата. Преку секоја област, УНДП обезбедува експертска помош на централните и локалните власти. УНДП исто така активно учествува во процесот на намалувањето на сиромаштијата, ХИВ/СИДА т.е во подршка на Владата на Република Македонија во исполнувањето на Милениумските развојни цели.
УНДП помага во обезбедување на помош и ефективна употреба на истата. Во Република Македонија има повеќе од 40 тековни проекти кои се развиваат и спроведуваат во тесна соработка меѓу УНДП и Владата на Република Македонија и други локални организации. Сите тие почиваат на начелата за човечки права, промовирајќи го напредокот на жените и заштитата на ранливите групи, со информациската и комуникациската технологија како клучна за остварување на развојните приоритети.

 

 Тековни и завршени проекти финансирани од страна на УНДП.

 

Соработка со Меѓународен фонд за развој на земјоделството- IFAD

 

ИФАД–Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (www.ifad.org.mk) е специјализирана агенција на Обединетите нации, основана како меѓународна финансиска институција за помош во земјоделството пред повеќе од 27 години. За разлика од другите финансиски институции кои имаа многу поширок опсег на работа, ИФАД има точно утврдена цел:
подобрување на стандардот на живеење на населението во руралните средини;

  • спроведување проекти што ја намалуваат руралната сиромаштија во земјите во развој;
  • зголемување на приходите во домаќинството ;
  • зајакнување на индивидуалното земјоделско стопанство;
  • подобрување на производството и неговата конкурентска моќ на пазарите.

Првиот кредит од ИФАД во Република Македонија во 1997 година е Проектот за рурален развој на јужните и на источните региони – ИФАД 1. Вредноста на заемот, со кој се задолжува државата за реализација на овој проект, изнесува 7,6 милиони УСД.

Во 2002 година почна имплементацијата на Проектот за финансиски услуги во земјоделството – ИФАД 2, во вредност од 8 милиони УСД, со рок на реализација до 2007 година (5 години). Финансиска подршка е обезбедена и од Кралството Шведска, преку Шведската агенција за меѓународен развој – СИДА, со грант од 854.740 УСД.

Поради високите каматни стапки во 2007 година Владата се откажа од ИФАД 3, и развојот на земјоделството го започна преку земјоделскиот дисконтен кредитен фонд.

 

Земјоделски кредитен дисконтен фонд (ЗКДФ)

 

Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд (ЗКДФ) е одговорна институција за администрирање на обновливиот кредитен фонд формиран од кредитни линии ИФАД 1, ИФАД 2, кредитните линии за поддршка на приватниот сектор од Светската банка ПСДЛ 1, ПСДЛ 2 и кредитната линија од ЕИБ во вкупен износ од околу 42 милиони евра. Овој кредитен фонд е наменет за кредитирање на агро-комплексот преку 9 (девет) вклучени финансиски институции со кои Министерството за финансии има склучено Под-договори за заем (Инвестбанка, Комерцијална Банка, НБЛ Тутунска Банка, Старер Банка, Стопанска Банка-Скопје, Стопанска Банка -Битола, УНИ Банка, Штедилница можности ФУЛМ).

Функционирањето на ЗКДФ е финансиски поддржано од Владата на Кралството Шведска преку Шведската Агенција за развој (СИДА) во износ од 1,47 милиони шведски круни.

Основната цел на ЗКДФ е обезбедување на одржливи финансиски услуги во земјоделството, кои се исплатливи за финансиските институции, а во исто време прифатливи за носителите на земјоделски стопанства и малите и средни претпријатија кои се занимаваат со примарно земјоделско производство, преработка на земјоделски производи и извоз на примарни земјоделски производи, како целна група.

Од одобрување на првиот заем за рефинансирање (октомври 2003 година), заклучно со 31.03.2009 година, преку ЗКДФ се реализирани 4.070 заеми во вкупен износ од 33, 7 милиони евра од кои 66% за примарното земјоделско производство, 30% за преработка на земјоделски производи и 4% за извоз на примарни земјоделски производи.