Соработка во Европска банка за обнова и развој (ЕБОР)

Европската банка за обнова и развој www.ebrd.com е основана во 1991 година со седиште во Лондон со цел финансирање структурни проекти во поранешните социјалистички земји од Централна и Источна Европа, поддржувајќи ги во нивната транзиција кон пазарната економија и во изградбата на демократски општества.

 

Во моментов, ЕБОР се смета за еден од најголемите инвеститори во регионот кој привлекува големи странски директни инвестиции како резултат на своето финансирање. Банката е во сопственост на своите земји членки, односно на 61 држава, меѓу кои и Република Македонија и 2 меѓувладини институции (http://www.ebrd.com/about/basics/members.htm).Капиталот на Банката е обезбеден од нејзините земји членки. Сепак и покрај фактот што земјите членки се јавуваат како акционери, ЕБОР покрај во јавниот сектор, инвестира и во приватниот сектор.

 

ЕБОР обезбедува финансирање за банките, индустриите и бизнисите, односно финансирање на нови инвестиции и на инвестиции во веќе постоечки компании. Дополнително, ЕБОР работи со претпријатија кои се во државна сопственост, односно ја помага нивната приватизација, преструктуирање и подобрување на услугите на општините. Мандатот на ЕБОР изрично укажува дека Банката работи со земји кои се посветени на демократските принципи. ЕБОР исто така ја нагласува политиката на заштитата на животната средина, која е дел од сите инвестиции на ЕБОР.

 

ЕБОР е активна во Република Македонија уште од 1993 година и е еден од најголемите инвеститори во Република Македонија. Соработката на ЕБОР со Република Македонија се одвива во рамки на приоритетните сектори и цели утврдени во Стратегијата на ЕБОР за Република Македонија 2010-2013, која Одборот на Директори на ЕБОР ја има одобрено на 23 февруари 2010 година.
Заклучно со октомври 2010 година, Банката има одобрено преку 60 проекти во приватниот и јавниот сектор во Република Македонија во вкупен износ од 563 милиони евра.

 

Во изминатиот период активностите на ЕБОР во земјата беа фокусирани на креирање на нови работни места и финансирање на приватниот сектор, додека во однос на финансирањето на проекти во јавниот сектор, главниот фокус на ЕБОР беше ставен на животната средина во општините, енергетиката и проекти од областа на транспортната инфраструктура. Учеството на финансирањето на приватниот сектор во вкупното портфолио на ЕБОР во Република Македонија изнесува 54%.

 

Во јавниот сектор во областа на животната средина во општините се реализираше проектот „Акциона програма за унапредување на општините и животната средина“ - МЕАП во Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид и Струга, кој имаше за цел овозможување на водоснабдување, наводнување и третман на отпадни води во 6 општини во Република Македонија, со цел решавање на долгогодишниот проблем на снабдување со чиста вода за пиење. Во областа на патната инфраструктура, Република Македонија со заем од ЕБОР го имплементираше Проектот за изградба на скопската обиколница и дел од автопатот Смоквица – Гевгелија. Во областа енергетика, ЕБОР учествуваше во финансирање на прет-приватизацијата на ЕСМ.

 

Дополнително, во оваа област ЕБОР основаше Фонд за финансирање на проекти за одржлива енергија во земјите од Западен Балкан (Western Balkans Sustainable Energy Facility – Credit Line Facility и Direct Financing Facility). Овој фонд во ќе послужи како инструмент на Банката за давање заеми, кој ќе финансираат проекти за одржлива енергија на локалните претпријатија во Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, односно претпријатија, кои во моментов не се доволно финансиски поддржани со други извори. За поддршка на приватниот сектор, ЕБРД заедно со Владата на Италија го основаше EBRD - Italy Local Enterprise facility.

 

Тековно, во јавниот сектор, во областа на патна инфраструктура, ЕБОР учествува во финансирање на Проектот за подобрување на постоечката регионална и општинска патна мрежа. Во областа на железничка инфраструктура, ЕБОР обезбеди заем за финансирање на Проектот за модернизација на железничката пруга на Коридор Х. Во областа на енергетиката, ЕБОР учествува во финансирање на Проектот за енергетско поврзување меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

  

Тековни Проекти финансирани од Европска банка за обнова и развој