Соработка со Меѓународен монетарен фонд

Меѓународниот монетарен фонд – ММФ (www.imf.org) е меѓународна финансиска институција која e креирана да промовира меѓународна соработка, да одржува девизна стабилност, да го унапредува економскиот растеж и високото ниво на вработеност и да обезбедува привремена финансиска поддршка на земјите членки со цел да го олесни прилагодуавањето на платниот биланс.

 

ММФ делува заедно со Меѓународната банка за обнова и развој, со цел воспоставување на стабилен систем на меѓународни односи.

Основан во 1945 година, ММФ денес брои 185 земји-членки кои работат на глобална финансиска кооперација, сигурна финансиска стабилност, олеснување на меѓународната трговија, промоција на вработувањето и на економскиот раст и намалување на корупцијата.

 

Трите основни цели на ММФ се:
1.Унапредување на меѓународната монетарна соработка и стабилност на меѓународните монетарни односи, со цел спречување на девалвациите на националните валути;
2.Помош во создавањето на мултилатерален систем на плаќање во однос на монетарните трансакции меѓу земјите-членки;
3.Отстранување на девизните ограничувања кои се пречка за светската трговија.

 

Како позајмува ММФ:
ММФ нуди финансиска помош на земјите членки за да им помогне да ги коригираат проблемите во платниот биланс и да го ублажат влијанието од реформите кои се спроведуваат. ММФ не позајмува за специфични намени или проекти, како што го прават тоа развојните банки.
Техниката на позајмување на средства се состои во тоа што ММФ на земјата позајмувач и става на располагање девизни средства (депонирани во централна банка во некоја широко прифатена странска валута или во СПВ) кои се обезбедени од другите земји членки на фондот (освен за ПРГФ аранжманот), односно, позајмувачот користи сопствена валута да "купи" девизни средства од ММФ кои се, од друга страна, добиени од впишаната квота. После истекот на точно определен временски период, ММФ наметнува обврска позајмените средства да се вратат преку "откуп" на сопствената валута од ММФ користејќи валути на другите членови на фондот или СПВ. Овој механизам на "купување-откуп" објаснува зошто, од сметководствена гледна точка, вкупните средства на фондот не се менуваат како резултат на финансиската помош што ја дава фондот, туку се менува само составот на неговите средства.

Република Македонија е членка на Меѓународниот монетарен фонд од 14 декември 1992 година.

Последен аранжман кој ММФ го одобри на Република Македонија беше тригодишниот Стенд-Бај Аранжман како поддршка на тригодишната економска програма на земјата. Истиот беше одобрен во август 2005 година, а заврши во август 2008 година, а неговата вкупната вредност беше 51,7 милиони СПВ (околу 75,8 милиони долари), што претставува 75% од квотата.
 

 

Закон за изменување и дополнување на Законот за правното наследство на Република Македонија на членството во Меѓународниот монетарен фонд, објавен во „Службен весник на РМ“бр.118/10; 

 

Закон за регулирање на обврските на Република Македонија кон Меѓународниот монетарен фонд по основ на користење на средствата од општата и специјалната нето кумулативна алокација на специјални права на влечење одобрени со Резолуциите на Одборот на гувернери на Меѓународниот монетарен фонд бр.64-3 и бр.52-4, објавен во „службен весник на РМ„ бр.118/10;

 

Закон за изменување и дополнување на Законот за правно наследство на Република Македонија на членството во Меѓународниот монетарен фонд, објавен во „Службен весник на РМ“ бр. 52/09