Соработка со Банка за развој при Советот на Европа (CEB)

Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) е мултилатерална развојна банка со социјална вокација (www.coebank.org). Основана во 1956 година, со седиште во Париз, од страна на 8 земји членки на Советот на Европа, ЦЕБ е најстарата мултилатерална финансиска институција во Европа. Денес, нејзиното членство брои 40 земји-членки, меѓу кои и Република Македонија.

Раководни органи во ЦЕБ се: Управниот одбор, Административниот совет, Гувернерот, на кого му помага Заменик-гувернерот и двајца дополнителни Заменик гувернери и Ревизорскиот одбор.

Република Македонија стана земја член на ЦЕБ во 1997 година и на тој начин се стекна со правото да се задолжува кај оваа финансиска институција. Дополнително, Република Македонија има назначено претставник во Административниот совет, како и во Управниот одбор на Банката, тела кои активно учествуваат во процесот на донесување одлуки.

ЦЕБ претставува израз на финансиска солидарност меѓу европските земји. Анализата на преземените активности во текот на последните години, посочува три главни сектори во кои дејствува Банката:

  • зајакнување на социјалната интеграција;
  • управување со животната средина и
  • поддршка на јавната инфраструктура со социјална вокација.

Досегашната соработка на Република Македонија со ЦЕБ во горенаведените области опфаќа реализација на значајни проекти: Проектот за финансирање на мали и средни претпријатија, заради поттикнување на вработеноста, Проектот за изградба на станови кои ќе се издаваат на лица со ниски приходи, Проектот за изградба на фискултурни сали во средните училишта, како дел од Проектот за изградба на 145 фискултурни сали во основните и средни училишта, Проектот за реконструкција и доградба на објектите на ЈЗУ - фаза 1, Проектот за реконструкција на казнено-поправните институции и Проектот за домување на социјално ранливи групи.

 

Тековни Проекти финансирани од Банката за развој при Советот на Европа состојба на 25.11.2010 година