- Насловна
- Министерство
- ЈАВНИ ФИНАНСИИ
- Државни хартии од вредност
- Даноци
- Финансиски систем
- ЕУ и меѓународни финансии
- Макроекономија
- Децентрализација
- Закони и прописи
- Проекти и кампањи
- Обуки и стручни испити
Соработка со Европска инвестициона банка (EИБ)Европската инвестициона банка (ЕИБ) www.eib.org е непрофитна финансиска институција на Европската Унија, со седиште во Луксембург, формирана во 1958 година со Римскиот договор Нејзината основна задача е да придонесе кон интеграција, балансиран развој и социјална и економска кохезија на земјите членки на Европската Унија. Мисија на ЕИБ е унапредување на политичките и развојните цели на ЕУ преку обезбедување на долгорочно финансирање на специфични проекти за капитални инвестиции. Како институција на ЕУ, ЕИБ ги поддржува нејзините политики преку финансирање на стабилни јавни и приватни инвестиции. Членки на ЕИБ се земјите членки на ЕУ, додека нејзините раководни органи се Одборот на Гувернери, Одборот на Директори, Управниот одбор и Ревизорскиот одбор.
Почнувајќи уште од 1963 година, ЕИБ во согласност со европската политика за соработка и помош во развојот одобрува заеми и на земји, кои не се членки на ЕУ. Оттука, доделувањето на заеми на земји кои не се членки на ЕУ е базирано на надворешната соработка на ЕУ и на развојните политики. Дополнително, Европската заедница и доделува на ЕИБ гаранција за претрпени загуби, кои би произлегле од заемите или гаранциите доделени за проекти надвор од Европската заедница, со цел стимулирање на активностите на ЕИБ надвор од границите на ЕУ, особено во земјите кои сакаат да станат полноправни членки на ЕУ, без притоа да се наруши кредитниот рејтинг на ЕИБ.
Со потпишувањето на Протоколот 3 за финансиска соработка на Спогодбата за соработка меѓу Република Македонија и Европската заедница во 1997 година, ЕИБ за прв пат почна да и доделува заеми на Република Македонија како суверен заемопримач. Поточно, ЕИБ и додели на Република Македонија 150 милиони ЕВРА во форма на кредити за финансирање на следните проекти: Проект за патишта I, наменет за изградба на дел од Коридор 10 (делница Стоби-Демир Капија) и автопатот Е-65 Скопје-Тетово, како дел од Коридор 3, кој успешно заврши во 2004 година; на овој проект се надоврза Проектот за патишта II, наменет за изградба на обиколницата Скопје и Проект за глобално финансирање на мали и средни претпријатија и инфраструктурни проекти во износ од 20 милиони евра (АПЕКС Глобален заем).
Соработката беше зајакната во 2000 година со потпишување на Рамковната спогодба меѓу Република Македонија и ЕИБ, со која се отворија нови можности за реализација на проекти од области кои се од клучно значење за Република Македонија. Првиот заем од ЕИБ за енергетскиот сектор во Република Македонија беше одобрен во 2003 година за Проектот за трафостаници на ЕСМ. Во 2008 година, Република Македонија склучи нов Рамковен договор со ЕИБ за регулирање на активностите на ЕИБ во Република Македонија. Од 1998 година до денес, ЕИБ има одобрено проекти во Република Македонија со вкупен износ од 280 милиони ЕВРА.
Тековно, во областа на инвестиции во водоводната и комуналната инфраструктура ЕИБ учествува во финансирање на Проектот за водоснабдување и одведување на отпадни води, додека во делот поддршка на секторот на мали и средни претпријатија ЕИБ учествува во Проектот за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти. Во однос на идната соработка, ЕИБ има интерес да учествува во финансирањето на проекти во областа на транспортниот сектор, енергетиката, водоводната и комуналната инфраструктура, здравството и образованието. Тековни Проекти финансирани од Европската инвестициона банка состојба на 25.11.2011 година
|











