Започна Генералното собрание на ММФ и Светската банка 2008

Во Вашингтон денеска започна Генералното собрание на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, чиј претседавач за оваа година е заменик претседателот на македонската Влада, Зоран Ставрески.

Претседавањето на Ставрески со Генералното собрание претставува особено позитивен настан и момент на престиж за Република Македонија, бидејќи со ова на земјата и се овозможува да има водечка позиција на овој значаен меѓународен собир.

На заседанието на Генералното собрание ќе присуствува и македонскиот министер за финансии, Трајко Славески.

Покрај воведното обраќање на Вицепремиерот Ставрески, пред учесниците на собирот ќе говорат и директорот на ММФ, Доминик Строс-Кан, претседателот на Светската Банка, Роберт Зелик, претседавачот на Комитетот за меѓународни монетарни и финансиски прашања, италијанскиот министер за финансии и економија, Томазо Падоа-Скиопа, претседавачот на Комитетот за развој, мексиканскиот министер за финансии, Агустин Карстенс, како и поголем број министри и гувернери на централни банки од целиот свет.

Се очекува главна тема на овогодинешното Генерално собрание на ММФ и Светската банка да биде глобалната економска криза и можностите и мерките за нејзини надминување.