Гостување на Вицепремиерот Ставрески во вестите на А1

Ребаланс на буџетот сепак ќе има

Државата сепак ќе ги скуси трошоците. Интензивно се подготвува ребаланс на буџетот. Конечната верзија на приходите и расходите на Владата ќе биде доставена на крајот на август.

Засега Владата останува на планот буџетскиот дефицит да не ги надмине планираните 2,8 проценти од БДП.

Во меѓувреме, Управата за јавни приходи објави дека даночните приливи продолжија да паѓаат и во вториот квартал од оваа година.

На оваа тема во интервју за А1 зборува новиот министер за финансии Зоран Ставревски.

 

УЈП објави 12,5% намалување на вкупните даночни приходи во однос на лани. Експертите велат дека ова е показател за аларм. Какви се проценките на Министерството?

- Очекувано е, ако се споредува со лани кога македонската економија имаше раст од 5 до 6 проценти, исто како и светската, дека приходите оваа година ќе бидат помали.

Сепак, споредбите треба да се прават со ребалансот, со она што се предвидуваше во ребалансот, затоа што токму и затоа и се направи тој ребаланс, околу 4% се пониски приходите, то секако укажува на потребата да се биде внимателен, односно да се обидеме преку подобра координација во следниот период да се подобри се подобри наплатата, односно да се зголемат приходите.

Тоа веќе првичните податоци за јули го покажуваат, дека има стабилизација на приходите во буџетот.

 

Кога ќе има ребаланс?

- Ние ги завршивме анализите, стручните служби и јас минатава недела работевме на тоа и нашите констатации се дека ќе има потреба од ребаланс, но дека таа потреба не е итна. Очекува, откако ќе ги имаме податоците за јули и август, посебно на приходната страна, да ја информираме Владата, така што најверојатно до крајот на летото ќе има ребаланс.

 

Што покажуваат тие првични анализи, од кои позиции најмногу би можело да се крати?

- Прерано е тоа да се каже, јас во овој период ќе остварам средби со сите министерства, како и со институциите коишто имаат поголеми капитални расходи, како што е Агенцијата за патишта, Фондот за здравство, за да точно утврдиме до каде е реализацијата на расходите, посебно на проектите и да утврдиме на кој начин е најбезболно да се изврши тоа кратење.

Да не се спречи реализацијата на некои проекти коишто се продуктивни и значајни, а истовремено да се остварат и заштедите што треба да се направат.

 

Дали Владата ќе продолжи да ги турка оние проекти кои во јавноста беа оценети како економски нелогични во време на криза?

- Јас не мислам дека имаме нелогични проекти, сите проекти коишто сме ги предложиле се составен дел од програмата на Владата, или сметаме дека се потребни во услови на криза за да го заживеат стопанството.

Така што, во тој дел, ниту еден проект нема да биде откажан. Ќе има можеби различна динамика на реализација на проектите.

 

За колкава сума би било намалувањето на буџетот овој пат?

- Тоа ќе зависи од приходите во јули и август и од реализација на проектите до тогаш. Сметам дека податоците досега што ги имаме укажуваат дека во првите шест месеци буџетскиот дефицит е 1,4% од БДП, што значи точно сме на половина од она што го предвидуваме - 2,8% да биде до крајот на годинава.

Тоа значи дека не би требало да е преголем износот на ребалансот, меѓутоа тогаш кога ќе ги имам податоците на јули и август, ќе можам попрецизно да кажам.

 

Во каква финансиска кондиција е буџетот? Има ли пари за редовна исплата на плати, на пензии, функционирање на државата?

- Апсолутно нема да има никаков проблем за сите социјални потреби, за исплатата на плати и пензии, социјалната помош и се друго што треба да се исплати од буџетот.

Јас очекувам подобрување на платата со приходите, со тековни приходи да ги покриваме тие тековни расходи, додека средствата од еврообврзницата да ги искористиме за продуктивните инфраструктурни проекти.