Интервју на Вицепремиерот Ставрески за Вест

Нема девалвација ни од септември

Ако оцениме дека има потреба од формален аранжман со ММФ за да се задржи макроекономската стабилност ние нема да размислуваме. Значи, отворени ги држиме сите врати и сметам дека тоа е разумен пристап во вакви услови кога има светска економска криза

Вест:Од позиција на министер за финансии ќе ги потврдите ли тврдењата на ексминистерот Славески дека ако не се направи итно ребаланс на Буџетот онаа сигурност што Владата ја обезбедила, веќе ќе ја нема во септември?
Ставрески: Ние ги завршивме анализите и тие покажуваат дека ќе има потреба од ребаланс, но таа потреба не е итна. Сите тековни плаќања, посебно во однос на социјалните права, плати, пензии, социјална помош, нормално се намируваат и нема причина итно за ребаланс, но има причина за ревидирање на расходната страна до крајот на летово, и ние тоа ќе и го предложиме на Владата.
 

Вест:Имате ли проценка колку и каде треба да се кратат трошоците?
Ставрески: Тоа дополнително ќе се утврди брз база на разговорите што јас ќе ги имам со сите министерства и други институции, како што се Агенцијата за патишта, Фондот за здравство и сите други покрупни корисници на буџетски средства.
Во целина буџетскиот дефицит за првите шест месеци, земено и приходната и расходната страна, е на ниво од 1,4 проценти од БДП, што е во рамките на очекувањата. Ние предвидувавме за цела година дефицит од 2,8 отсто, а за шест месеци сме на половина.
 

Вест:Дали прецизиравте износ на кратење на расходите?
Ставрески: Би почекал да ги видам приходите за јули и август. Имаме првични индикации дека приходите во јули се стабилизираат постепено и би почекал да се завршат овие разговори што треба да се извршат со сите министерства за да добиеме точна слика како ќе изгледа динамиката на реализација на капиталните расходи до крајот на годината, за да можеме да утврдиме колкав ребаланс ќе биде потребен. При крајот на август ќе можеме да го прецизираме износот.

Вест:Значи ребалансот ќе биде во септември пред пратениците?
Ставрески:Најверајотно, да.
 

Вест:Опозицијата во расправата по ребалансот на Буџетот рече дека јавната администрација во време на оваа влада постојано се зголемува и дека се вработени 30 илјади нови службеници. Реагира ли Брисел на обемната и неефикасна администрација.
Ставрески: Опозицијата можеше да каже и дека има 50.000 нововработени. Јас велам дека тоа е целосно неточно, и сите вработувања кои не се реализирале пред антикризните мерки за забрана на нови вработувања, нема да се реализираат. Ние ќе бидеме максимално дисциплинирани во тој дел. Интенцијата на оваа, а и на сите влади треба да биде да се вработуваат најстручните, најкомпетентните лица. Земјата е кандидат за Европа и мора да се изврши целосна професионализација на кадарот во јавната администрација, бидејќи тоа е услов за ефикасен јавен сектор.
 

Вест:Да не се лажеме, администрацијата ни е нестручна. Какви забелешки испорача Брисел за јавната администрација?

Ставрески: Се согласувам дека има потреба од подобрување на квалитетот на јавната администрација. Не би се согласил дека е нестручна, но факт е дека квалитетот на јавната администрација не е на задоволително ниво. За да се подобрат состојбите, Владата неодамна формираше меѓуминистерски комитет за реформи на јавната администрација, кој што со СИГМА и останатите партнери од ЕУ ќе ги реализира реформите на јавната администрација. Клучен сегмент во тој дел е подобрувањето на Законот за јавни службеници, којшто е во фаза на преговори со СИГМА за да се донесе една квалитетна законска рамка, но поголемиот предизвик понатаму ќе биде неговата имплементација и натамошна обука и тренинг на јавната администрација за да може да одговори на потребите што земјата ќе ги има во процесот на преговори со ЕУ.

Вест:Останува ли обврската за рационализација на јавната администрација?
Ставрески:Комитетот нема обврска за тоа, нема анализи кои покажуваат дека има вишок, вкупно земено, меѓутоа, можно е во одделни сектори да има потреба од прераспределба на кадарот од еден во друг сектор. Но прерано е да се зборува за тоа. Комитетот нема засега разговарано за оваа тема.

Вест:Македонија годинава ќе се задолжи 370 милиони евра. Излезе една анализа дека за земените 175 милиони евра од еврообврзницата, на три и пол години, само за камата ќе се платат 60 милиони евра, а ако истиот износ беше позајмен од ММФ ќе се платеа околу 13 милиони евра. Зошто земате неповолни заеми од приватни инвеститори со близу 10 отсто камата, а упорно одбивате аранжман со ММФ со многу пониска камата?
Ставрески: Сите земји зависно од нивото на развој проценуваат дали сакаат да останат со формални аранжмани со ММФ или имаат капацитет за самостојно водење на сопствените политики и дали имаат потреба од финансиски средства од ММФ. Нашите проценки се засега дека преку еврообврзницата се обезбедени потребните средства во оваа фаза, кои би требало да бидат доволни до крајот на годинава. Ние сме членка на ММФ и ја оставаме вратата отворена било во текот на оваа година било во текот на наредната, доколку е потребно, да се разговара и за финансиски аранжман со ММФ ако состојбите во реалниот сектор и светската економија го налагаат тоа.

Вест:Прашањето е зошто ако веќе позајмуваме, позајмуваме поскапо? Како објаснувате дека 47 милиони евра се дадени повеќе отколку што можело да се платат?
Ставрески: Истите коишто денес изјавуваат постојано дека треба аранжман со ММФ видете ги нивните изјави пред 5-6 години, ќе видите дека истите велеа дека е крајно време да се ослободиме од ММФ. Второ, зошто тоа го прават Словенија, Хрватска, или која било друга земја кои и по нивото на развој ни соодвестуваат, а некои од нив се и дел од Европската унија. Колку земји во Европа имаат аранжман со ММФ? Ќе видите дека многу мал број имаат аранжман со ММФ, многу поголем број земји преку еврообврзниците и друг начин на финансирање ги финансираат сопствените потреби во оваа кризна година. Повторно да потенцирам, ако оцениме дека има потреба од формален аранжман со ММФ за да се задржи макроекономската стабилност ние нема да размислуваме. Значи, отворени ги држиме сите врати и сметам дека тоа е разумен пристап во вакви услови кога има светска економска криза.

Вест:Има ли вистина во новите проценки дека од септември состојбите ќе се влошат и ќе има девалвација?
Ставрески: Веројатно се работи повеќе за политички коментари. Состојбата на девизниот пазар последните 2 месеца се подобрува и има нето-откуп на девизи, плус еврообврзницата од 175 милиони евра, со што нивото на девизни резерви е зголемено на 1,35 милијарди до 1,4 милијарди евра. Не очекувам да има притисоци, а со сигурност нема да има девалвација.

Вест: Колку пари од еврообврзниците повлековте за буџетски потреби до сега?
Ставрески: Воопшто не се повлечени од еврообврзницата. Мојата интенција како министер за финансии ќе биде целосно да ги покриваме расходите со тековните приходи, што помалку да користиме од еврообврзницата додека можеме, и тогаш кога ќе ја користиме да ја користиме за продуктивни капитални расходи.

Апсурд се обвинувањата за провизии

Вест: Се зборува дека првин треба да се завршат набавките на автобусите за Скопје, спортските сали и базените и набавката на 200 оклопни транспортери за Одбраната за да се соберат големите провизии, а потоа ќе може да се склучи аранжман со ММФ?
Ставрески: Апсурд.