Интервју на Вицепремиерот и Министер за Финансии Ставрески за Време




Ребаланс ќе има, ама не сега

Ребаланс ќе има до крајот на летово, но колку ќе се скрати од расходите се уште не се знае, вели новиот министер за финансии Зоран Ставревски. Тој не се согласува со својот претходник Трајко Славески дека итно треба да се намали трошењето за 100 милиони евра бидејќи податоците од јули покажуваат подобрување во собирањето даноци. Според најавите, тој и натаму ќе ја спроведува зацртаната фискална политика, според која на прво место е макроекономската стабилност, но, како што вели, ќе има слух и за предлозите на стопанствениците и за земјоделците за трошењето на буџетските пари.

Како ја оценувате состојбата на буџетот што ја затекнавте? Со колкав процент се собираат планираните приходи, каде потфрлаат, а од каде имате редовен прилив?
- Како и во сите земји, така и во Македонија се чувствуваат последиците од кризата врз приходната страна на буџетот, меѓутоа состојбата постепено се стабилизира. Во текот на јули веќе се забележуваат знаци на стабилизирање на приходите. Очекувам во текот на годинава, секако да има потреба од приспособување на буџетот кон состојбите во реалната економија, како во Македонија, така и во светски рамки. Ќе има потреба од ребаланс, но таа потреба не е ургентна.

Значи, тврдите дека нема потреба од итно кастрење на буџетот и ребалансот може да почека? Вашиот претходник, Славески, оцени дека на буџетот итно му требаат 100 милиони евра.

- До крајот на летово треба да се изврши ребаланс, меѓутоа, колкав ребаланс ќе биде потребен ќе зависи од реализацијата на приходите во текот на јули и на август. Во согласност со информациите што ги добив од Управата за јавни приходи и од Царината, се очекува подобрување на приходите. Ова не значи дека приходите драстично ќе се зголемат во однос на претходните, но имаат тренд на подобрување. Ребалансот е вообичаена работа. Го прават сите земји и тоа неколку пати во годината. И во Македонија се правеле ребаланси во економски добрите години, а сега, во година кога е светска економска криза, логично е да има ребаланс и од тоа не треба да се прави никаков бауч или фама.

 

Засега нема притисок врз денарот затоа што 175 милиони евра што дојдоа од еврообврзницата се на трезорската смета во Народна банка и може да се искористат за зголемување на девизните резерви и за буџетот. Дали моменталната „релаксирана“ состојба со буџетот и девизните резерви ќе трае само летово или подолго време?

- Точно е дека средствата од еврообврзницата ги зајакнаа девизните резерви кои сега изнесуваат 1,35 милијарда евра. Нашата цел е со домашните приходи од даноци и од други извори да ги покриваме тековните расходи, а еврообврзницата додека е можно да не се користи за покривање на тековните расходи. Парите од еврообврзницата треба да се користат за зголемување на девизните резерви за да дадат сигурност и стабилност на девизниот курс на денарот. Со тоа што донесовме 175 милиони евра однадвор, можеме да си дозволиме помало задолжување дома преку обврзници. Тоа, пак, е добро за да не ги повлекуваме парите кои се расположливи за приватниот сектор. Значи повеќе средства од банките ќе останат за приватниот сектор.

 

Останувате ли на ставот дека на Македонија не и треба аранжман со ММФ?
- Помал број на земји во Европа имаат склучено аранжман со ММФ, а поголем број на земји во светот немаат аранжман. Нашите оценки се, засега, дека Македонија може успешно да се справи со кризата без директна финансиска поддршка од ММФ. Како што реков, тоа е засега. Ако во текот на годината случувањата се такви да бараат ревидирање на оваа позиција секогаш како членка на ММФ имаме право да побараме финансиски аранжман. Кон крајот на септември или во почетокот на октомври, очекувам бордот на ММФ да донесе одлука на располагање да ни бидат ставени 77 милиони долари, средства што како земја-членка на Фондот имаме право да ги користиме без формален аранжман, како повлекување од сопствената квота.

 

Сметате ли дека покрај ребалансот е потребен и нов концепт на распределба на буџетските пари?
- Ние вложуваме зголемен износ на средства во продуктивни расходи “ патна инфраструктура и енергетика. Оваа година ги зголемивме капиталните расходи во делот на изградбата на патишта, во инфраструктурни објекти. Исто така, го зголемивме износот на средства и во енергетиката, таму каде што државата учествува. Годинава ќе почне ревитализацијата на РЕК „Битола“ и модернизацијата на хидроелектраните, МЕПСО ќе изврши реконструкција на преносната мрежа и доколку најдеме партнер за изградба на гасна електрана, ќе учествуваме како држава со соодветни финансиски средства и во тој проект. Во тој поглед немаме разлики во ставовите на експертите, кои сметаат дека инфраструктурата е значаен сегмент за поддршка на домашното стопанство и за развој на конкурентност на економијата. Пред се макроекономска стабилност.Владата секогаш треба да биде отворена за комуникација со приватниот сектор, со земјоделците и со сите други кои даваат свои предлози како треба да се трошат буџетските средства. Одговорноста на економскиот тим во Владата е најпрудентно, најекономично да го распредели буџетот, за да се остварат максималните ефекти со расположливите средства. Наша процена е дека преку интервенцијата од 100 милиони евра од кредит од Европската инвестициска банка се овозможува на најефикасен начин да се постигнат ефекти во секторот на мали и средни претпријатија и во земјоделството. Сепак, треба да се каже дека приоритет на фискалната политика е, освен развој, да се обезбеди и макроекономска стабилност во вакви кризни времиња.