Реакција на текстот "Ем цела, ем помала плата!", објавен во Шпиц

Министерството за финансии и јавноста се навикнаа на погрешното информирање, што од самиот почеток на реформата "Цела плата" го практикува вашиот ценет (бесценет!) дневен весник.

 

 

За фактите. Врз основа на најновите податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) за исплатената јануарска плата може да се констатира следното, што во целост ги побива Вашите небулози:

 

Прво, бројот на работници во Република Македонија на кои не им е исплатена плата за соодветен месец, во јануари 2009 година (прв месец од спроведувањето на концептот бруто плата) се намали на историски најниско ниво од околу 2% или 10.000 работници.

 

Само пред две-три години овој процент беше двоцифрен.

 

Споредбата на јануари 2009 година со декември 2008 година покажува драстичен пад за 4,7 процентни поени, односно за декември минатата година плата немале земено околу 30.000 работници.

 

Понатаму, манипулација е постојаното тврдење од ваша страна дека наводно во приватниот сектор не се вклучени во платата надоместоците за храна и превоз, онаму каде што претходно се исплаќале.

 

Повторно, според последните податоци на ДЗС, се гледа дека храната и превозот се вклучени и кај ниско доходовните гранки. Имено, порастот на нето платата во текстилната индустрија, во јануари 2009 година, во однос на декември 2008 година, изнесува 17.6%. Истиот процент во кожарската индустрија е 20%, а во градежништвото 16%.

 

Истовремено, порастот на бруто платата во јануари 2009 година, во однос на декември 2008 година, изнесува само 4.5%. Притоа, ваквиот низок процент се забележува и кај ниско доходовните гранки, односно порастот на бруто платата во текстилната индустрија во анализираниот период изнесува само 4.8%, додека во кожарскатата индустрија порастот е 11%. Во градежништвото пак, е забележан пораст од 20% на бруто платата на месечна основа, што е во согласност со растот на БДП во градежништвото.

 

И на крај, вашето спомнување и импликациите дека со наводна "игра" на коефициентот за плата во некои дејности се оштетени некои вработени, нема да го коментираме, од едноставна причина што се должи на целосно непознавање на материјата и одбивање да се влезе барем малку во суштината на работата.