МФ го поднесе акредитацискиот пакет за децентрализирано управување со фондовите од IV ИПА компонента

Ја известуваме јавноста дека денес Министерството за финансии официјално го поднесе акредитацискиот пакет за децентрализирано управување со фондовите од четвртата ИПА компонента (Развој на човечки ресурси) до службите на Европската комисија.

 

Во текот на изминатиот период јавната администрација работеше интензивно на воспоставување на потребните структури и процедури за децентрализирано управување со четвртата ИПА компонента - Развој на човечки ресурси, согласно барањата од Регулативата на Европската комисија за спроведување на ИПА помошта.

 

Покрај структурите во Министерството за финансии (Националниот координатор за авторизација, Националниот фонд и Секторот за централно финансирање и склучување договори (ЦФЦД)), во имплементацијата на оваа ИПА Компонента ќе бидат вклучени и ИПА структурите воспоставени во Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика.

 

Непосредно пред доставувањето на акредитацискиот пакет, согласно ЕУ регулативата, Националниот координатор за авторизација го заврши процесот на национална акредитација на ИПА структурата за четвртата ИПА компонента - Развој на човечки ресурси во Република Македонија, со што ја потврди нивната подготвеност на продолжат со следниот чекор на поднесување на барање за акредитација од страна на Европската Комисија.

 

Во претстојниот период Република Македонија очекува ревизорска мисија од Европска комисија која треба да ги оцени капацитетите на овие структури за децентрализирано управување со ИПА фондовите.

 

Доколку оценката биде позитивна, јавната администрација самостојно ќе управува со средства во износ од околу 16 милиони евра алоцирани во рамките на четвртата ИПА Компонента за периодот 2007-2009 година.

 

Овие средства се пред сé наменети за финансирање на мерки за поттикнување на вработеноста, зајакнување на капацитетите и улогата на Агенцијата за вработување, модернизирање на образованието и сл.

 

Со поднесување на овој акредитациски пакет, Република Македонија скоро го заокружи процесот на воспоставување на потребните структури, кои со своите капацитети и со нивно понатамошно градење треба да покажат спремност ефикасно да ги имплементираат ИПА средствата.

 

Со тоа Република Македонија ќе демонстрира подготвеност, во иднина, по добивањето на полноправно членство во Унијата, успешно да ги користи и структурните фондови на Европската Унија.