Тевдовски: Законот за евиденција на долговите во владина процедура

9 февруари 2017, Скопје - За да се избегне натрупување на неевидентирани долгови како во минатото, Владата ќе има целосен увид во сите преземени, доспеани и неплатени обврски од страна на органите на државната власт, јавните установи, фондовите и општините, кои законски ќе бидат обврзани да ги евидентираат во еден електронски систем.

Како што најави министерот за финансии Драган Тевдовски денеска, Законот за пријавување и евиденција на обврските деновиве ќе влезе во владина процедура преку кој ќе се регулира обврската оние кои располагаат со јавни средства да ги пријавуваат своите долгови.

- Деновиве во владина процедура ќе влезе Законот за пријавување и евиденција на обврски. Овој закон ќе овозможи обезбедување на транспарентноста и јакнење на одговорноста при располагање со јавни средства преку целокупно евидентирање на преземени, доспеани и неплатени обврски во соодветен електронски систем од страна на сите органи на државната власт, јавните установи и институциите и единиците на локалната самоуправа. Така ќе имаме целосен увид во заостанатите обврски на сите овие субјекти, што е основен предуслов за систематско спречување на повторување на овој проблем во иднина - истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.

Освен законското решение, во завршна фаза е изработка на софтвер во кој сите институции редовно ќе ги пополнуваат податоците преку веб-апликација. Откако Собранието би дало поддршка за Законот за пријавување и евиденција на обврските, овој софтвер брзо може да се стави во функција. Покрај целосна транспарентност во поглед на трошењето на јавните пари во иднина, ваквото решение ќе придонесе и за поголема одговорност и спречување на натрупување на долгови кај институциите во иднина.

Минатата година Министерството направи истражување за да утврди колку точно стари неисплатени долгови имаат државните институции, фондовите, јавните претпријатија и општините, во кое дојде до сума на заостанати обврски од 22 милијарди денари на 31 мај 2017. Тогаш беше најавено дека ќе се развие ефикасен систем за евидентирање на обврските.

На денешниот настан министерот Тевдовски посочи и годинава во Буџетот за 2018 се предвидени значително повеќе средства за општините, што треба да им овозможи редовно да ги вршат своите функции и паралелно да започнат да го намалуваат износот на неплатени долгови од минатото.