Средба со делегација од германското Сојузно министерство за економија и енергетика

30 јануари 2018 година, Скопје - Министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, денеска, заедно со своите советници оствари средба со делегација од германското Сојузно министерство за економија и енергетика предводена од Марко Акватичи, заменик-амбасадор на Германија во Македонија кој беше придружуван од Патрик Мартенс, директор на Германска стопанска комора во Македонија, Хелге Толксдорф, раководител на одделението за проширување на ЕУ за Југоисточна Европа и Турција, Ања Мејер од Сојузното министерство за економија и енергетика и Ања Квиринг, регионален директор за Југоисточна Европа од германскиот Комитет за економски односи во Источна Европа.

На средбата се зборуваше за Дигиталниот самит кој ќе се одржи во РМ за чија реализација Министерството за финансии ќе даде целосна поддршка. Македонија е избрана за земја каде што за првпат ќе се реализира овој Дигитален самит кој е еден од значајните сегменти на Берлинскиот процес во насока на зајакната регионална соработка на земјите од Западен Балкан за приближување кон ЕУ.

И двете страни ги истакнаа пријателските односи помеѓу Германија и Македонија, при што стана збор за проширување на билатералната и економската соработка, особено во делот на трговската размена и инвестициите.

Од страна на тимот на Министерството за финансии беше истакнато и огромното значење на германските компании за македонската економија.

На средбата и двете страни потенцираа дека во иднина ќе се залагаат за интензивирање на соработката на повеќе нивоа.