Македонија ја издаде шестата еврообврзница со историски најниска каматна стапка од 2,75%

11 јануари 2018 - Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал денес издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од 7 години и каматна стапка од 2,75%.

Ова е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници, како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. За споредба, каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975% и 9,875%.

Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница беше во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата, што претставува еден од најцврстите можни докази на довербата на инвеститорите во стабилноста на Македонија и во исклучително позитивните перспективи на македонската економија. Високата побарувачка овозможи да се постигне  каматна стапка од 2,75% на годишно ниво, односно стапка на принос од 3%.

Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од евро-обврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на PBG-кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра која доспева на крајот на јануари. Притоа, паралелно со издавањето на евро-обврзницата, Македонија за првпат изврши и делумен предвремен откуп на постоечка евро-обврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка на издавање од 4,875% е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%. Покрај каматните заштеди, со предвремениот откуп се намалува долгот кој достасува во 2020 година, односно значително се намалува ризикот од рефинансирање.

Во текот на утрешниот ден предвидена е прес-конференција на Министерот за финансии Драган Тевдовски по повод издавањето на еврообврзницата.