Управување со јавни финансии

​Почитувани,

Чест ми е да Ви ја претставам првата Програма за реформа на управувањето со јавни финансии 2018-2021 година. Таа е структуирана со цел да ги одрази клучните слабости и предизвици во областа на управувањето со јавните финансии и предлага мерки и активности за нивно надминување.

Задоволството е големо, бидејќи досега во Република Македонија не постоеше единствена и конзистентна програма во областа на управувањето со јавни финансии, иако истото претставува клучно хоризонтално прашање. Подобрувањето на ефикасноста и ефективноста на управувањето со јавните финансии претставува еден од најзначајните приоритети на Владата на Република Македонија и воедно е услов за пристапување на земјата во Европската унија.

Ваквата програма е одраз на напорите на Владата на Република Македонија да оствари транспарентно, ефикасно и ефективно управување со јавните финансии, како и да обезбеди фискална дисциплина и одржливост на долгот.

Програмата е подготвена врз основа на интензивна соработка на релевантните национални институции, со поддршка од Делегацијата на ЕУ и експертска помош од СИГМА. Дополнително, заложбата за обезбедување широка општествена поддршка за планираните реформи на управувањето со јавните финансии, Министерството за финансии ја покажа преку соработката со граѓанските организации, експертската и бизнис заедницата. Нивниот придонес во подобрување на приоритетите и мерките во Програмата е од непроценливо значење.

Донесувањето на Програмата за управување со јавните финансии е само прв чекор во реформскиот процес, а следен и најважен чекор е нејзината имплементација. Би сакал да им се заблагодарам на учесниците во креирањето на Програмата и да посочам дека заедно со нив ќе го реализираме она што сме го запишале на страниците што следат. 

д-р Драган Тевдовски

Министер за финансии