МФ преку софтвер ќе ги следи обврските на буџетските корисници

Министерството за финансии изработи софтвер во кој сите буџетски корисници ќе мора да ги пополнуваат своите неплатени обврски.  На овој начин ќе се има постојан увид на обврските во реално време. Законот што го овозможува ова е веќе изготвен, најави министерот за финансии, Драган Тевдовски, во интервју за МТВ.

Тевдовски вели дека околу 360 милиони евра неплатени но скриени обврски од страна на јавните  институции што ги наследиле е сериозна големина на натрупани обврски, доколку се има предвид дека дефицитот на Македонија е околу 300 милиони евра. 

- Втора работа што е многу важна е дека ние успеавме за кратко време да исплатиме дел од тие обврски. На пример, за Филхармонијата, што беше помпезно отворена, практично имаше неплатени сериозни долгови останати од претходната власт. Ние  успеавме тие долгови да ги исплатиме во најголем дел, вели тој во интервјуто.

Тевдовски потенцира  дека отворањето на транспарентноста е клучен чекор бидејќи со ова јавноста ќе има увид во трошењето на парите и ќе може да прави притисок ако некој не ги троши парите како што треба.   

- Јас лично мислам дека транспарентноста, и тоа силното отворање на транспарентноста, е првиот чекор во нормализацијата и стабилизацијата на состојбите во Македонија. Не само во економијата туку и воопшто, смета тој.

Во однос на проектираниот раст на економијата од 3,2 процента за годинава, Тевдовски вели дека истиот е реален.

- Стабилизирањето на политичката состојба заедно со враќањето на довербата на инвеститорите треба да придонесе до зголемување на приватните инвестиции. Тоа е она што недостигаше претходните години за да се овозможи ова. За првпат во Буџетот има сериозна поддршка, пред сѐ за домашните претпријатија, покрај за странските. Таа вклучува поддршка за инвестиции, за отворање нови работни места… Ова е едниот агол, вториот е, за да го вратиме кредибилитетот и довербата кај инвеститорите МФ многу силно работеше да ја отвори транспарентноста, објаснува Тевдовски.

Во однос на реализацијата на капиталните инвестиции што годинава во Буџетот изнесуваат 400 милиони евра, Тевдовски вели дека Министерството за финансии ќе прави силен притисок истите да бидат реализирани бидејќи тоа ќе ја движи економијата.