2018 ќе биде добра година за македонската економија

2 јануари 2018 година, Скопје - Стабилизацијата на политичката состојба ја враќа довербата на инвеститорите и се очекува силно придвижување на приватните инвестиции, кои што изостануваа во претходниот период. Реализацијата на капиталните инвестиции во Буџетот во 2017 година е на највисоко ниво, а наплатата на даноците е зголемена. Ова беше кажано по заедничкиот состанок кој го имаа министерот за финансии Драган Тевдовски со премиерот Зоран Заев заедно со нивните советници.

Премиерот Зоран Заев истакна дека завршетокот на годината покажа добра реализација на капитални инвестиции. 

 

- Вкупната реализација на капитални инвестиции е 19,8 милијарди денари или 83,6 проценти. Реализацијата на вкупните приходи е зголемена што покажува сериозно подобрување на економската активност. Ова е многу значајно бидејќи најавува надежна 2018 година. Очекуваме зголемување на БДП кое ќе значи враќање на економскиот живот во државата, истакна премиерот Зоран Заев.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека реализацијата на капиталните инвестиции во Буџетот на Република Македонија во 2017 година претставува историски највисоко ниво.

- Во 2016 година капиталните инвестиции изнесувале 16,97 милијарди денари. Остваривме одличен резултат во 2017, ако се знае дека во првата половина на годината беше остварена многу слаба реализација на капиталните расходи. Ние ќе продолжиме со ова темпо на реализација со што ќе се даде силен поттик на вкупниот економски резултат годинава, рече Тевдовски.

Во однос на зголемената наплата на даноците во 2017 година, како што информира Тевдовски, даночните приходи се за 4,6% повисоки од 2016 година, при раст на сите поважни категории на даноци.

Притоа, додаде тој, Министерството за финансии, во координација со УЈП, во 2017 година реализираше поврат на ДДВ кон фирмите кои што е за 2,2 милијарди денари повисок од 2016 година.
- Ние и во 2018 година ќе продолжиме со неселективна и брзо враќање на ДДВ кон фирмите со што ќе се влијае на подобрување на ликвидноста на стопанството, порача Тевдовски.