Обраќање на министерот Тевдовски по повод завршување на изградбата на Пречистителната станица во Струмица

18 декември 2017, Струмица - Министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, присуствуваше на настан по повод завршување на изградбата на Пречистителната станица во Струмица. Во продолжение е неговото обраќање:

 

 

Почитуван Премиер,

Почитуван Амбасадоре Жбогар,

Почитуван Министер Дураки,

Почитувани дами и господа,

 

Во изминатиот период имавме неколку значајни настани заеднички организирани со Делегацијата на Европска Унија во Република Македонија, со цел подобро да ги информираме граѓаните на нашата држава во што се инвестирани средствата добиени од Европска унија преку Инструментот за прет-пристапна помош.

Европската унија во изминатиот период инвестираше огромен износ на средства во Република Македонија коишто беа преточени во значајни проекти чија крајна цел е да го подобрат животот на македонските граѓани. Еден од тие проекти е и „Изградбата на пречистителна станица во општина Струмица“ по повод чие отворање е денешниот настан.

Овој проект е финансиран преку Оперативната програма за регионален развој 2007-2013 и е дел од портфолиото на финансирани проекти во областите на заштита на животната средина и транспорт којшто значително придонесуваат кон одржлив развој на Република Македонија. Во рамките на оваа програма се реализираа 71 проект со вкупна вредност од 369 милиони евра, од коишто 168 милиони евра се средства од ИПА. Остатокот потребен за ко - финансирање на овие проекти, Република Македонија го обезбеди од сопствениот буџет.

Министерството за финансии го склучи договорот за градежни работи за “Изградбата на пречистителна станица во општина Струмица” со германската компанија „WTE Wassertechnik GmbH“ во конзорциум со македонската компанија „Вардарградба“. Во времетраење од 18 месеци колку што беше планирано со договорот, се спроведоа градежните работи на терен во вредност од околу 6,9 милиони евра.

Овој проект е исклучително значаен бидејќи ќе обезбеди пречистување на отпадните води на реката Струмица, при тоа намалувајќи го негативното влијание врз водните ресурси, природата и се разбира најважното - здравјето на луѓето.

Покрај оваа пречистителна станица, во рамките на оваа програма се финансира и неколку други пречистителни станици во општините Радовиш, Кичево и Прилеп.

Министерството за финансии во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за транспорт и врски, во изминатите неколку години интензивно работеа да се подготви проектната документација за сите овие проекти пред истите да се реализираат како инвестициони активности.

Покрај значајните придобивки од реализацијата на инфраструктурните проекти во областа заштита на животната средина и транспортната инфраструктура во понатамошно развивање на инвестициите во овие два сектори, постојат и други придобивки, меѓу коишто би ги споменал следните:

  • Сметам дека ваквите проекти особено придонесуваат во јакнење на капацитетите на централно и локално ниво во однос на управувањето со водите и отпадните води, пред се од во однос на барањата содржани во релевантните ЕУ директиви; и

  • И исто така, овие проекти придонесуваат кон подобрување на знаењето на јавната администрација за тоа како треба да бидат подготвени проектите од овој тип согласно барањата на Европска унија, што особено ќе биде значајно во моментот кога Република Македонија ќе стане членка на Европската унија и ќе ги користи структурните фондови.

Сега кога пречистителната станица во Струмица е веќе изградена останува предизвикот за локалната самоуправа и јавното претпријатие за комунални услуги истата да ја управуваат и соодветно да ја одржуваат со цел да се обезбеди одржливост на овој проект на долг рок, што е исклучително значајно за проектите коишто ги финансира Европската унија во Република Македонија.

Како Министер за финансии исто така сакам да ја истакнам заложбата на Владата на Република Македонија дека и понатаму ќе вложуваме во градење на капацитетите на националните структури да ги управуваат самостојно средствата добиени преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Свесни сме дека системот за децентрализирано управување со средствата треба да се подобри и да се усовршува. Тоа ќе го докажеме со максимална посветеност на спроведување на големото портфолио на проекти коишто ќе се финансираат со Програмите за животна средина и транспорт 2014-2020 во рамките на коишто повторно на Република Македонија и се ставени на располагање околу 200 милиони евра.

На крајот би сакал уште еднаш да се заблагодарам за поддршката на Европската унија во заложбите на Република Македонија да стане земја членка на унијата, како и за целокупната финансиска поддршка којашто и е дадена на нашата држава во изминатиот период и во периодот којшто следува.