Обраќање на МФ Драган Тевдовски на министерската конференција во Париз, Франција

14 Декември 2017, Париз- Министерот за Финансии се обрати на министерската конференција на тема „Доброто јавно управување - сервис за граѓаните и бизнисите“ . Тој се обрати на панел дискусијата -„Како јавното управување може да направи разлика која придонесува за долготраен економски развој?“ Во продолжение е неговото обраќање:

Почитувани присутни,

почитувани колеги министри,

би започнал со белешките што ни беа претходно испратени, особено делот во кој се вели дека „министерствата за финансии се чувари на стабилноста и прудентноста, но се чини дека се премногу тесно фокусирани на страната на расходите“. Со ова, би сакал да споменам една анегдота што сум ја слушнал од искусен пратеник во мојата земја: Тој ми има кажано, во раните транзициони години дека постоел министер за финансии кој вообичаено влегувал во Собранието извикувајќи „Не, не, не!“ без притоа никој ништо да го праша. А можете да претпоставите што  го прашуваат вообичаено министерот за финансии .

Шегата настрана, јас верувам  дека ние сме во значително различна позиција сега.  Иако финансиските притисоци се постојано присутни, сметам дека денес гледаме подолгорочно, вклучувајќи ги и прашањата за добро управување со јавни финансии и долгорочен економски развој. Како релативно нов министер за финансии во Македонија, би сакал да презентирам неколку клучни прашања од моето неодамнешно лично искуство во врска со ова, како и одредени идни планови.

На пример, мој главен предизвик откако стапив на функција во јуни беше ребалансот на Буџетот, и сега го финализираме и Буџетот за 2018 година.  Во двата случаја, ние не се фокусиравме толку тесно на расходната страна и намалувањето на расходите, колку на тоа за што се трошат средствата. Со други зборови, наш приоритет како Министерство и Влада е да ја зајакнеме ефикасноста при трошењето на јавните средства – притоа обезбедувајќи дека расходите ефективно се користат за вистинските цели, а јавноста добива „вредност за пари“. Практично, ова значеше кратење средства за некои очигледно непотребни проекти и дискреционо трошење за „стоки и услуги“. Од друга страна,  овие заштеди ги пренасочивме на клучни сектори во нашата земја, на кои им е потребна поддршка, особено образованието и здравството.  Освен тоа, за останатите ставки како што се социјални трансфери и земјоделски субвенции, Владата многу повеќе се фокусира на нивната правилна употреба – со цел социјалните трансфери да се наменети за оние на кои им се најпотребни, или пак земјоделските субвенции да бидат ефективни во стимулирањето на производството и извозот.

И покрај  принципите на  ППРУ (SIGMA) за јавната администрација, се согласувам и со предлогот дека луѓето имаат различни перцепции за тоа што значи добро управување. Сепак, во аналогијата на добропознат судија во врховен суд во САД; јавноста со сигурност знае што значи лошо управување – и нашиот регион особено има долгогодишно и разновидно искуство за истото. Иако нашата определба за добро управување е значаен столб, вториот столб за постигнување на нашите цели е притисокот од јавноста. Дозволете ми да наведам неколу детали за ова.

Како прв столб, нашата определба за добро управување може да се воочи преку Стратегијата за управување со јавни финансии, чија подготовка траеше долго, но ја забрзавме пред неколку месеци  - истата треба да биде усвоена до крајот на годината, и спроведена во наредните години.  Со оваа Стратегија, и други чекори што ги преземаме, ги дефинираме нашите цели и чекори за подобрување на клучните апсекти во управувањето со јавните финансии: подобри јавни набавки, подобри јавни финансиски контроли, нов современ органски закон за буџетите, нов трезорски систем, современа наплата на даноците.  Ние сме свесни дека ова е долг, амбициозен и тежок процес - но решени сме барам еднаш да одиме по потешкиот наместо по полесниот пат. Свесни сме дека на овој начин нема да освоиме лесни политички поени. Сепак, доколку постигнеме успех со овој и други проекти, ова ќе гарантира многу подобро управување со јавните финансии до крајот на нашиот мандат.

Вториот столб за  добро управување е тесно поврзан со транспарентноста.  Доколку јавноста е запознаена како се управува со средствата и како тие се трошат, тогаш би можела да врши постојан притисок врз функционерите кога тие не управуваат добро со средствата. Тогаш функционерите би биле свесни за истото, што би претставувало дополнителен мотив за нив да управуваат добро со средствата и да се грижат за јавната каса.

На тој начин, најважните елементи на доброто управување со сигурност ги вклучуваат транспарентноста и притисокот од јавноста. А нашата цел и работа како Влада е да ја зголемиме транспарентноста, која тогаш би овозможила притисок од јавност и, конечно, добро управување.

Затоа, во Министерството за финансии, во текот на овие шест месеци, откако сме на власт, вложуваме големи напори за да се зголеми транспарентноста. На пример, започнавме да објавуваме податоци и документи што претходно беа недостапни, како што е детално извршување на буџетот по буџетски корисник или со објавување на граѓанскиот буџет.  Покрај тоа, ги објавивме неподмирените обврски од страна на сите буџетски корисници, и ги финализираме нашите напори за редовно евидентирање и објавување на сите неподмирени обврски, со тоа што следната година ќе работиме и на создавање  систематско решение  за спречување на овој проблем во иднина.  На крај,  исто така го земаме предвид објавувањето на сите трансакции што се реализираат преку трезорот на дневна основа. Сметаме дека ова би била прилично коренита промена во Македонија. Тоа, во голема мера ќе ја зголеми транспарентноста, ќе ѝ дозволи на јавноста да биде запознаена во детали како се трошат јавните средства, и ќе ги натера функционерите да се однесуваат поодговорно. Со други зборови, тоа ќе придонесе кон подобро управување.